Премиерот Заев на настан по повод нова инвестиција на компанијата „Сити Плаза“: Храбрите одлуки за инвестиции и нови работни места се најдобар начин да и се пркоси на пандемијата

Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев, денеска се обрати на настан по повод најава на нова инвестиција во рамки на компанијата „Сити Плаза“, односно зголемување на капацитетот на трговскиот центар „Рамстор“ .
 
Станува збор за инвестиција вредна 105 милиони евра, и најава за уште 700 нови работни места.
 
Покрај премиерот Заев, на настанот се обратија и сопственикот Ајдован Адемовски, Озгур Торт, извршен директор на компанијата „Мигрос“, генералниот менаџер на Халк Банка Турција, Осман Арслан и амбасадор на Република Турција, Хасан Мехмет Секизчок.
 
Во прилог интегралното обраќање на премиерот Зоран Заев:

„Ми претставува посебна чест што денеска сум поканет да присуствувам на овој исклучителен настан на кој нашиот бизнисмен Ајдован Адемовски најавува значајни инвестициски проекти вредни повеќе од 105 милиони евра.

Се сеќавам на една негова изјава од пред неколку месеци на еден настан на Стопанската комора МАТО кога рече: „Време е на храбри одлуки и паметни чекори“ и еве денеска гледаме на што мислел кога го кажа тоа.

Ваков став и вакви проекти во време на сериозна економска криза заради пандемијата доаѓаат од навистина храбри менаџери со визија и одлучност ништо да не ги спречи во остварувањето на таа визија.

Заради тоа, јас му честитам нему и на менаџерскиот тим на неговата компанија „Сити Плаза“. Адемовски и првите луѓе на неговата компанија и во овие услови направија анализи кои потврдија дека планираните инвестициски проекти имаат пазарна, оперативна и финансиска изводливост.

Списокот на инвестиции е навистина импресивен. Во наредниот  период, односно од оваа до 2025 година зголемување на капацитетот на трговскиот центар „Рамстор“ со надградба од преку 25.000 метри квадратни за нов административно деловен простор „Рамстор“ и изградба на подземна гаража на 4 нивоа, проширување на продажната мрежа со 18 нови маркети, изградба на три ритеил паркови и логистички центар.

„Рамстор“ на Адемовски не само што ги задржа сите 1.000 вработени во услови на криза, туку во новите инвестиции најавува уште најмалку 700 нови работни места.

Плановите на компанијата не се ограничуваат само на сегментот на малопродажбата, туку се предвидува и инвестиција во фотонапонска централа (5 MW) во Кочанско.

Денеска Адемовски соопштува дека „Сити Плаза“ ги откупи 100 отсто акциите на „Рамстор Бугарија“ од досегашниот сопственик турската компанија „Мигрос“ и со тоа стана целосен сопственик на „Рамстор Македонија“.

Сепак, „Рамстор Македонија“ и „Мигрос“, која поседува 2.325 супермаркети во Турција, остануваат стратешки партнери во делот на франшиза на трговска марка „М“ за балканскиот регион која ќе овозможи пристап до странски пазари каде освен „Рамстор“ ќе се вклучат и останати македонски и турски производители.

Дозволете ми и во оваа прилика да ја истакнам улогата на граѓаните од турската заедница во нашата земја како силна алка на поврзување на традиционалното исклучително добро пријателство и одличната соработка меѓу Северна Македонија и Република Турција.

Нашите две земји континуирано вложуваат во развојот на билатералните односи и пријателството и претставуваат пример за тоа како треба да се соработува во регионот и пошироко.

Најдобра илустрација е присуството на голем број на странски инвестиции од земјата од Турција, која е најголем странски инвеститор во Северна Македонија од земјите надвор од ЕУ.
 
Оваа година интерес за вложување во секундарната гасификација на нашата земја изразија две големи турски компании и влегоа во завршната фаза од конкурентниот дијалог за воспоставување на јавно приватно партнерство во овој проект вреден 300 милиони евра.

Почитувани,
 
Во време кога компаниите кај нас и секаде во светот се соочуваат со огромни предизвици заради пандемијата од КОВИД-19 и поради тоа ги намалуваат трошоците и бројот на вработени, вистинска реткост е влегување во нови инвестиции и најава за нови вработувања. Еден од ретките такви примери кај нас е планот на „Сити Плаза“ на бизнисменот Ајдован Адемоски по преземањето на трговскиот центар „Рамстор“ и истоимениот синџир маркети.

Храбриот бизнис проект на Адемовски и на „Сити Плаза“ во време на криза заради пандемијата, говори дека може да се делува поинаку и храбро наместо да се намалуваат трошоците и бројот на вработени.
 
Инвестициите од над 105 милиони евра на „Сити Плаза“, се инвестиции во развојот на компанијата, но и инвестиција во иднината на нашата држава.
 
Убеден сум дека оваа инвестиција е  охрабрена и од анти-кризните мерки што ги презеде Владата.  

На крајот, дозволете ми уште еднаш да ги изразам моите најискрени честитки за Ајдован Адемовски и компанијата „Сити Плаза“ за нивната храбра одлука да влезат во нови инвестиции вредни преку 105 милиони евра. Убеден сум дека оваа нивна смела бизнис иницијатива ќе биде мотивација и за други компании“.