Министерот Бесими се сретна со неговиот италијански колега и со началникот на ГШ на Италија

Министерот за одбрана Фатмир Бесими денеска престојуваше во работна посета на Италија каде се сретна со неговиот италијански колега Џанпаоло Ди Паола и со началникот на Генералштабот на италијанската армија Биаџо Абрате.

На средбата, како што соопшти ресорното Министерство, е потврдена отворената поддршка на Италија за членство на Македонија во НАТО, а станало збор и за реформскиот процес што се одвива согласно стандардите на Алијансата и за искуствата на двете држави стекнати преку учеството во мировните мисии на НАТО.

- Членството на земјата во евроатлантските структури значи многу не само за стабилноста на Република Македонија, туку и за регионот во целина, оцени министерот Бесими, истакнувајќи ја поддршката на италијанскиот министер за процесот на евроатлантска интеграција на Република Македонија.

Во фокусот на разговорите со началникот на Генералштабот на Армијата на Италија, генералот Абрате, покрај реформскиот процес и важноста на евроатлантските интеграции била и новата структура на Армијата на Република Македонија.

- Штотуку завршената посета на министерот Бесими во Рим и посетата од пред некој ден во Копенхаген укажува на одлична соработка во областа на одбраната меѓу Република Македонија и Република Италија и Кралството Данска, две влијателни земји во северноатлантската алијанса, посочуваат од Министерството за одбрана.