Сојузот на средношколци потврдува дека младите во Северна Македонија ја поддржуваат дигитализацијата на учебниците и воопшто на образованието. Ова е и сосема логично ако се земе предвид дека светот во кој тие живеат, дигиталната ера на ИТ технологијата им овозможува со многу едноставно пребарување на интернет мрежата да дојдат до информациите за сите придобивки кои ги нуди дигитализацијата на материјалите за учење и до многу примери на земји во чии образовни системи ова решение успешно функционира и носи резултати кои се видливи најчесто преку постигнувањата на меѓународните тестирања.
Сепак, сосема е очекувано да постојат дилеми кај младите и кај нивните семејства, кои Министерството за образование и наука и другите надлежни институции како носители на промените кои треба да се случат, имаат обврска и должност да ги појаснат и разрешат.
МОН потсетува дека од следната учебна година се воведува комбиниран модел на примена на материјалите за учење, кој ќе се имплементира сукцесивно во следните неколку години. Ова решение не предвидува дигиталниот учебник да биде единствена опција за учениците. Од прво до трето одделение учениците и натаму ќе користат печатени учебници, додека за учениците од четврто одделение приоритетна опција се дигиталните учебници. Лектирите остануваат исклучиво во печатена верзија.
Новото законско решение предвидува за учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди и/или помошна технологија, училиштето да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. За оваа цел, во рамки на училиштата веќе се прават проценки и подготовки за обезбедување на одреден таканаречен „библиотечен фонд“ на таблет уреди кои ќе им се даваат на времено користење на учениците кои имаат потреба од ваков тип на поддршка согласно законот.
Доколку пак, ученикот изрази потреба за користење на печатен учебник, истиот ќе му биде обезбеден од страна на училиштето. И во овој дел, предизвиците очекуваме да бидат сведени на минимум. Затоа што, образованието повеќе нема третман на потрошувач и поради тоа сé повеќе се вложува од сите можни аспекти во овој сегмент, вклучително и во опременоста на училиштата, како од страна на централната власт, така и од страна на самите локални самоуправи.
Дигитализацијата ја елиминира дискриминацијата, затоа што учебниците ќе бидат достапни и во аудио формат, на сите наставни јазици, и за прв пат ќе се печатат и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид.
Примери за комбиниран модел за примена на учебници, како и за модели во кои дигиталниот учебник е единствена опција за учениците има многу, а позитивните искуства и практики беа предмет на анализа при конципирањето на нашиот автентичен модел чија примена започнува од учебната 2021/2022 година.
Дигитализацијата е процес кој се случува и мора да биде заокружен во сите општествени сегменти, вклучително и во образованието. Предностите се големи и тие, дел од граѓаните веќе ги почувствуваа преку искористување на некоја од дигитализираните услуги на МОН – како пријавувањето за стипендии, пријавувањето за сместување во студентски и ученички домови, постапката за нострификација на образовни квалификации стекнати во странство и слично.
Така што, МОН продолжува со активностите за креирање на политики и решенија во кои интересот, особено на учениците е во фокусот на вниманието. Во меѓувреме, секоја идеја и сугестија од младите и организациите кои ги претставуваат се добредојдени и во насока на подобрување на политиките кои ги засегаат.