Промоција на инвестициски можности во Македонија пред јапонски бизнисмени во Дизелдорф

Владината делегација предводена од вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски која од завчера е во посета на СР Германија, денеска ќе ги претстави македонските инвестициски можности во Дизелдорф, пред јапонски компании кои го имаат избрано овој град за свој локален центар.

Според Пешевски, средбите ќе бидат на високо ниво со оглед дека е најавено присуство на првите луѓе на јапонските преставништва кои директно ќе се запознаат со она што го нуди Македонија  како инвестициска дестинација.

Владиниот тим во кој покрај вицепремиерот се и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Веле Самак, како и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија Висар Фида, вчера беше во Штутгарт каде ги презентираше деловните предности и поволностите на Македонија пред претставници на 40 компании. Посетата почна во Улм со средби со бизнис заедницата главно претставена преку мали и средни претпријатија од сферата на обновливите извори енергија и заштита на животната средина, како и со посети на научно-истражувачки центри.

- Германија важи за најразвиена држава во Европа поради што за нас беше интересно да видиме како тука се реализира соработката меѓу индустријата, науката и државата. За таа цел го посетивме научниот парк во Улм каде голем број компании имаат свои истражувачки центри. Разговаравме за некои модели што би можеле да се применат и во Република Македонија. Го посетивме истражувачкиот центар за обновливи извори на енергија и за електрична мобилност при што беше договорено да воспоставиме соработка меѓу нашите и овој Институт најпрво во делот на образованието, односно испраќање наши студенти на магистерски и докторски студии, изјави Пешевски.

Владината делегација ја посети и современата пречистителна станица за отпадни води на Улм. Тамошните локални власти предложиле да поддржат изградба на мал пилот проект од таков вид во Скопје.