Груевски: Посетата на Катар успешна, ги надминува очекувањата

Во Катар има голем интерес, но и политичка волја за инвестирање во Република Македонија, оцени премиерот Никола Груевски. Покрај интересот за можностите за инвестирање, на средбите што тој и владиниот тим ги имаа во Доха, е разговарано и за конкретни и специфични проекти во областа на туризмот, енергетиката и градежништвото. Премиерот вели дека е задоволен од посетата, која досега е над неговите очекувања.

- По вчерашните средби со најкрупните компании овде во Катар, денеска имав средба со eмирот, а синоќа и со премеирот на Катар. Вчера ги посетивме Диар Катар, ја посетивме компанијата Катар Холдинг и Катар Хасад, компании кои се со огромна капитализација и се најкрупните тука во Катар. Едната  од нив е специјализирана за инвестиции во недвижностите, другата за голем број инвестиции, а третата е специјализирана за инвестиции во земјоделството, изјави премиерот Груевски денеска во Доха.

Од средбите со претставниците на компаниите, но и со премиерот и емирот, како што посочи, може да се забележи голем интерес и политичка волја за инвестирање во Македонија. 

- Ние им понудивме повеќе можности, повеќе проекти. Разговаравме за многу конкретни проекти. Не само општо за можностите за инвестирање, за условите за правење бизнис, туку презентација на правење специфични проекти, како што се слободните туристички зони што ги планираме или пак проекти поврзани во енергетиката или проекти каде може да се изградат поголем број згради, куќи и  резиденцијални објекти, истакна премиерот.  

Интересот ќе треба да се конкретизира и со доаѓањето на специјална делегација од Катар која ќе има единствена задача да ги анализира проектите и да се донесе одлука во кои од нив би почнале инвестиции.

- Со емирот разговаравме за повеќе значајни работи, за повеќе значајни проекти, за кои вчера разговаравме поединечно и со најкрупните државни компании, изјави премиерот Груевски. На средбата со емирот станало збор и за отворање амбасада на Катар во Република Македонија, но и за нивната заинтересираност за повеќе проекти особено во енергетскиот сектор, во делот на недвижностите, проекти поврзани со земјоделството и други сектори.

Груевски вели дека е задоволен од постигнатото во Катар, и оти резултатите се над очекуваното. Тој денеска и утре ќе има средби со владини претставници и економска презентација пред повеќе бизнисмени, но и поединечна средба со претставници на Катар Петролеум за инвестиции во нафтена индустрија, бензиски пумпи.

- Можам да кажам дека сум прилично задоволен од средбите со емирот, од средбите со премиерот и средбите со најголемите компании. Верувам дека и денешната средба со министерот за енергетика, како и презентацијата пред друга група на бизнисмени ќе даде дополнителни можности за ширење на информациите, за бизнис проекти и за остварување бизнис меѓу Катар и Македонија, рече премиерот Никола Груевски.

Ова е прва официјална посета на премиер на Република Македонија во Катар и, како што поосчува Груевски, е надоградување на заедничките односи кои почнаа да се градат минатата година кога емирот на Катар престојуваше во Републка Македонија.