Претседателот на Владата Заев, заедно со заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Димитров, министерот за надворешни работи Османи и шефицата на Постојаната мисија на Северна Македонија во ЕУ Руси-Поповска, во Брисел оствари средба со претседателот на Европскиот Парламент Давид Сасоли.
Премиерот Заев на средбата со Сасоли нагласи дека неговата посета на Брисел во деновите кога министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ денеска во Брисел дебатираат за стратешкиот пристап на Унијата кон земјите од Западниот Балкан има за цел да биде слушната пораката дека Македонците и граѓаните на Северна Македонија нема да преговараат за сопствениот идентитет и нема да дозволат таа тема да биде ставена на масата за дебата во име на стартот на преговорите со ЕУ.
Премиерот Заев за време на разговорот со Сасоли упати благодарност до Европскиот Парламент за цела поддршка што континуирано ја дава за Северна Македонија и истакна очекува таа поддршка да биде уште понагласена во претстојниот период за да се одобри организирање на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ како почеток на процесот за пристапување на земјата во членство во ЕУ.
Претседателот на Европскиот Парламент Давид Сасоли и премиерот Заев се согласија дека Северна Македонија и нејзините граѓани имаат голема поддршка во ЕП и дека тој е убеден дека тоа ќе биде така постојано како охрабрување до институциите на ЕУ да го одобрат одржувањето на првата меѓувладина конференција.