Попоски: Поддршка за Македонија и во Британскиот парламент

Во рамки на работната посета на Лондон, министерот за надворешни работи Никола Попоски имаше средби со претставници на Горниот и Долниот дом на Британскиот парламент, членови на групата за пријателство со Македонија, Комитетот за надворешна политика и за европски прашања.

Министерот Попоски изјави дека Македонија во Британскиот парламент има поддршка за процесот на проширување на ЕУ и оти на средбите потенцирал дека за нас останува единствена цел влегувањето во Европската унија.

- Имавме можност да размениме ставови за иднината на Европската унија. Го презентиравме македонскиот став и пристап кон сите приоритетни прашања за ЕУ. Мислам дека и како земја-кандидат можеме да дадеме исклучително позитивни примери со тоа како успеваме да се справуваме со предизвиците во услови на сериозна криза во ЕУ. Менаџирањето со буџетот, јавниот долг и дефицитот се примери кои покажуваат дека може да се има конструктивен пристап во тој поглед, истакна Попоски.

Шефот на македонската дипломатија од Лондон заминува во дводневна официјална посета на Прага.