Катар заинтересиран за истражување на нафта и гас во Македонија

Владината делегација, предводена од претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (понеделник, 26.03.2012 година) оствари средба со министерот за енергија и индустрија на Државата Катар, г-дин Мохамед бин Салех Ал Сада.

На средбата се разговараше за повеќе конкретни проекти од заеднички интерес и можностите за заедничка реализација и инвестирање на катарски капитал во Република Македонија. Посебно беа акцентирани проектите од областа на енергетиката, производството и преносот на електрична енергија, можностите за искористување на хидроенергијата и рударскиот потенцијал на Македонија, како и можноста за трговија со енергенси.

Владината делегација ги презентираше поволностите и целисходноста од остварување заедничка соработка, како и можностите за остварување на оплодување на инвестираниот капитал.

Катарската страна изрази сериозен интерес за понудените опции и истакна предлог околу можностите за истражување на наоѓалишта на нафта и природен гас во Македонија, како и можностите за инвестиции во гасификацијата на земјата. Во функција на продлабочување на соработката во идниот период, ќе се извршат дополнителни технички и комерцијални анализи на деталите и модалитетите на соработка.

Двете делегации заклучија дека посетата на специјалната катарска владина делегација на Македонија ќе биде од исклучителна важност за дефинирање на понатамошната динамика и интензитет, како и за реализација на проектите за кои се разговараше на средбата.