„Очекувам Националната платформа за женско претприемништво да биде стимул, кој со помош на целата политика и поддршка која Владата ја креира и овозможува, ќе успееме да го претвориме во еден вистински баланс во нашето општество, во кое жените од сите националности, жени Македонки, Албанки, Ромки, Турчинки, Бошњачки, Србинки, Влаинки, и сите други жени ќе бидат присутни во сите сфери на претприемништвото, индустријата, иновацијата и бизнисот“ нагласи заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи на денешниот настан на кој беше промовирана Националната платформа за женско претприемништво.
Вицепремиерот нагласи дека повеќе жени имаат амбиции за сопствен бизнис и имаат одлични и иновативни идеи, со кои го менуваат и унапредуваат претприемништвото во нашата земја.
„Со мерката која беше презентирана во рамките на третиот антикризен пакет, а која се однесува на бескаматни кредити од Развојната банка на Северна Македонија, со 30% грант како поддршка за жените, младите и фирмите кои воведуваат дигитализацијата во бизнисот или се извозно ориентирани, од 2.703 субјекти поддржани со мерката, 1062 субјекти се основани од жени или раководени од жени. Фондот за иновации и технолошки развој, во 2020 година, објави нов инструмент, “Кофинансирани грантови за технолошки развој за надминување на последиците од КОВИД-19”, а како поткритериум за оценување во овој инструмент го воведе и рамномерниот регионален развој и рамномерна родова застаеност“, потенцираше Битиќи нагласи дека очекува бројката на компании раководени и основани од жени да биде се поголема.
На настанот се обратија и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, министерот за економија, Крешник Бектеши, заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, претседателката на Националната платформа за женско претприемништво, Валентина Дисоска, претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска, претставници од делегацијата на Европската Унија, како и други успешни жени-претприемачки.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска посочи дека се подготвува Стратегија за родова еднаквост, каде врвен приоритет е зголемување на учеството на жените на пазарот на трудот.
„Во финална фаза е новата Стратегија за родова еднаквост за периодот 2021-2026 година во која еден од стратешките приоритети е зголемувањето на учеството на жените на пазарот на трудот. Во неа ќе се адресираат мерки за поттикнување на жените како носители на инвестиции и претприемачки, за креирање на сопствени бизниси. Целта е да се намали стапката на невработеност и неактивно женско население, да се премости родовиот јаз во платите, да се надмине секторската и хиерархиската сегрегација на работните места“, подвлече Шахпаска.
Министерот Крешник Бешктеши посочи дека Министерството за економија препознавајќи го значењето на женското претприемништвото, почнувајќи од 2012 година, континуирано реализира мерки за поддршка на жените претприемачи.
„Во рамки на мерката за Финансиска поддршка за жени претприемачи од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво (КИП) за девет години Министерството за економија поддржа вкупно 152 компании во сопственост и управувани од жени со вкупно 14,1 милиони денари (230 илјади евра) Радува фактот што во последните четири години како што се реализира оваа мерка доминираат и компании од производството, преработувачка индустрија и разни услуги. Покрај оваа мерка, жените претприемачи имаат право да аплицираат и за сите други мерки кои се предвидуваат со КИП Програмата на Министерството за економија, а податоците се охрабрувачки. Само минатата година преку со реализација на овие мерки вкупно 52,8% од компаниите кои што добиле финансиска поддршка се во сопственост, односно управувани од жени“, потенцираше министерот Бектеши и додаде дека е донесена Стратегијата за женско претприемништво 2019-2023 со која јасно се потврдува определбата да се продолжиме со мерки и активности во насока на поддршка и развој на женското претприемништво.
Заменикот министер Трајан Димкоски нагласи дека формирањето на Националната платформа за женско претприемништво ќе даде придонес и за дополнително зголемување на бројот на жени кои регистрираат земјоделско стопанство на сопствено име.
„Дека политиките на Владата и Министерството за земјоделство, даваат резултати, зборува и фактот дека бројот на регистрирани жени во ЕРЗС како носители на земјоделско стопанство е во постојан пораст, што е особено евидентно во последните три години. Вкупно 2193 жени, регистрирале земјоделско стопанство на свое име, од 2019-та година до сега. Тоа е уште еден индикатор дека се менува свеста и кај жените и во домаќинствата од руралните средини“, рече Димковски.
Претседателката на Националната платформа за женско претприемништво Валентина Дисоска, објасни дека јакнењето на женското претприемништво е важно и за економско јакнење на целата држава, на целото општество и на сите луѓе. Таа посочи и дека Националната платформа значи и обединување на сите владини и невладини организации, формални и неформални здруженија, стопански комори и сите активни чинители, за давање на заеднички придонес за развојот на женското претприемништво.
„Националната платформа за женското претприемништво ќе гради капацитет на бизнис сектор, на жените претприемачки и во институциите од најниско до највисоко ниво, за потребите за јакнење на женското претприемништво“, посочи Дисоска.