Средба на министрите за одбрана на Македонија и на Грција во Лариса

Министерот за одбрана на Република Македонија Фатмир Бесими, денеска во Лариса, Република Грција за време на  посета на Командата на Бригадата на Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ) оствари средба со министерот за одбрана на Република Грција, Димитриос Аврамопулос. 

Бесими и Аврамопулос, соопшти денеска Министерството за одбрана, разговарале за билатералната соработка во областа на одбраната меѓу двете земји, како и за можностите за нејзино продлабочување и проширување.

Министрите за одбрана на двете земји заеднички го истакнале значењето на евроатланските интеграции и регионалната соработка во однос на безбедноста и развојот на регионот.

Командантот на СЕЕБРИГ бригадниот генерал Здравко Поповски од АРМ  за време на посетата на брифинг ги запозна министрите за одбрана на Република Македонија и на Република Грција со организациската поставеност и начинот на функционирање на бригадата притоа истакнувајќи го значењето и улогата на бригадата во рамки на СЕДМ иницијативата во насока на унапредувањето на регионалната соработка и добрососедските односи на земјите од југоисточна Европа.

СЕЕБРИГ е во рамки на мултинационалните сили на југоисточна Европа во СЕДМ иницијативата, процес на соработка на Министрите за одбрана од земјите од Југоисточна Европа и е составена од седум нации: Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Македонија, Романија и Турција. Локацијата на Командата на СЕЕБРИГ е на четиригодишна ротациона основа и моментално се наоѓа во Лариса, Република Грција.