Денеска, во Владата на Република Северна Македонија, се одржа редовната месечна седница на Комисијата за јавно-приватно партнерство, со која ко-претседаваше заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, а на која присуствуваа и министерот за здравство Венко Филипче, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа, заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски, заменик министерот за економија Зоран Маневски, заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин, како и претседателите и извршните директори на четирите најголеми стопански комори, членки на Платформата за јавно-приватно партнерство (Стопанска комора на Северна Македонија, Сојуз на стопански комори, Стопанска комора на Северозападна Македонија и МАСИТ).
На денешната седница се разговараше за процесот на вакцинација на вработените во реалниот сектор, мерењето на надворешната трговија кога станува збор за производи и услуги на ИКТ индустријата, Законот за субвенционирање на придонеси при исплата на повисока плата до 6.000 денари, Законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост, поддршка на преработувачите на пченицата, процесот на намалување или укинување на парафискални давачки и реформи во даночниот систем.
Министерот за здравство Филипче информираше дека процесот на вакцинација се одвива непречено, вакцини има доволно за сите оние кои се пријавуваат за вакцинирање, а се работи на набавки на нови количини на вакцини, за да овој процес непрекинато се одвивад. Тој додаде дека многу брзо ќе пристигнат нови количини од вакцините „Фајзер“ „Синовак“ и „Астра Зенека“, така што ќе се обезбеди континуиран процес на вакцинација за граѓаните, во кои спаѓаат и вработените во компаниите членки на коморите.
Во однос на Законот за субвенционирање на придонесите во случај на исплата на повисока плата до 6.000 денари, Вицепремиерот посочи дека аплицирањето на компаниите, за добивање на поддршка преку оваа мерка е многу едноставно и е направено така за да не се оптоваруваат компаниите со дополнителни административни обврски, а компаниите ќе може да ги користат придобивките од законот до 31-ви октоври 2022 година. Преку овој Закон, кој беше донесен во 2019 , беа стимулирани компаниите да ги задржат своите вработени и да им ја зголемат платата, а притоа да немаат товар за зголемување на придонеси кон државата, што би бил дополнителен стимул за вработените. Заменикот министер за труд и социјална политика, Енвер Хусејин информираше дека за оваа мерка досега вкупно се исплатени 2 милијари и 880 милиони денари за вкупно досега 1.888.383 осигуреници.
На средбата се истакна потребата да се воведат стандарди за мерењето на извозот и увозот на услуги по земји, пришто се нагласи дека е од суштинско значење овие податоци да бидат јасно диверзифицирани од останатите, за да се усогласат домашните статистички истражувања со меѓународните стандарди.
На седницата се разговараше и за искористување на потенцијалот на обработливото државно земјиште, со цел постигнување на поголем ефект од земјоделството, како една од клучните економски гранки, а се начна и темата за изнаоѓање на системски решенија за поддршка на преработувачите на пченицата, за да се стимулира и овој дел од преработувачката индустрија.
Присутните дискутираа и за процесот на укинување или намалување на парафискалните давачки, кој е во тек, како и за идеи за одредени даночни реформи кои би се донесувале во широки консултации и со соработка со сите засегнати страни.
Состаноците на Комисијата за јавно-приватен дијалог се одвиваат редовно, најчесто еднаш во месецот во последната недела од месецот, а на нив се дискутираат сите прашања и барања на коморите, како и активности кои се важни за подобрување на бизнис климата и побрз и одржлив економски развој.