Вицепремиерот Пешевски ќе ја пречека високата кинеска делегација, предводена од потпретседателот на Државниот совет Лиангју

Владина делегација, предводена од заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, денеска на аеродромот „Александар Велики“ ќе ја пречека високата кинеска делегација, предводена од потпретседател на Државниот совет на Народна Република Кина, Хуеј Лиангју.

Официјалната делегацијата на Народна Република Кина ќе престојува во тридневна посета на Република Македонија.

Во делегацијата на Народна Република Кина, која воедно преставува и најголема делегација која ја посетила нашата земја, се министерот за земјоделство Хан Чангфу, министерот на државната комисија за етнички прашања, Јанг Џинг, амбасадорот на Народна Република Кина во Република Македонија, Цуи Џивеи, заменик генерален секретар на Генерална канцеларија на државниот совет Динг Суедонг, заменик министер за надворешни работи Џаи Џун и заменик претставник од за меѓународна трговија, министерство за трговија Чонг Чуан.

Инаку, делегацијата ја сочинуваат триестина членови, меѓу кои претседателот на Групата за национален земјоделски развој на Кина, генералениот директор на Секторот за меѓународна соработка при Министерството за земјоделство и генералениот директор на Институтот за Истражување на економскиот развој на Кина.

Во текот на утрешниот ден кинеската делегација ќе оствари средба со својот домаќин, вицепремиерот Пешевски, во просториите на Владата на Република Македонија. На средбата, каде што ќе се разговара за билатерални прашања, ќе присуствуваат и дел од македонските министри.

Кинеската делегација истотака ќе оствари средби и со претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, како и со претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски.

Како што е најавено, утре ќе се изврши размена на писма за Проект за обука на државни службеници и ќе се потпише Договор за економска и техничка соработка помеѓу двете држави, Меморандум за разбирање за соработка во земјоделството, како и Протокол за извоз на тутун од Република Македонија во Народна Република Кина.