Македонија и Кина ја интезивираат економската соработка

Унапредување на економските односи и трговската соработка меѓу Република Македонија и Народна Република Кина, спроведување проекти во областа на земјоделството, експертска и поддршка на техничко ниво и грант од три милиони евра  за проекти во образованието и здравството.

Тоа го  предвидуваат денеска потпишаните меморандуми и протоколи од страна на високата кинеска делегација предводена од потпретседателот на Државниот совет Хуеј Лиангју и од вицепремиери и министри во македонската Влада.

- Со договорите се потврдуваат одличните политички односи кои постојат меѓу  државите и се креира основа за уште поинтезивна и зголемена економска соработка, оцени по потпишувањето на договорите вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

На пленарна средба во Владата со досега највисоката кинеска делегација што е во посета на Македонија, од македонска страна е нагласен интересот за соработка во енергетиката и земјоделството, како и можноста Македонија да се искористи како инвестициска дестинација за македонските компании.

- Тие се повеќе се насочуваат  кон Европа, а Македонија се наоѓа на трговската патека, на логистичката патека на стоката  која доаѓа од Република Кина кон Европа. Беше искажан интерес од нивна страна дел од  овие проекти да се реализираат и очекувам соработката да се интензивира,нагласи Пешевски.

Меѓусебните посети во изминатиот период  резултирале со зголемување на трговската размена меѓу Македонија и НР Кина од над 30 проценти лани, тренд кој Пешевски очекува да продолжи и во наредниот период.

Отворање нови можности за соработка се очекуваат од претстојната посета на Народната Република Кина од  страна на македонска владина делегација, предводена од премиерот Никола Груевски.  Во три града Македонија ќе биде претставена како инвестициона дестинација, а ќе бидат остварени повеќе билатерални средби, најави Пешевски.

Тој информира дека за проектот „Вардарска долина“, за кој со НР Кина е потпишан Меморандум за соработка, наскоро ќе биде објавен тендер за изработка на  предфизибилити студија.

- Врз основа на анализите што  се направени во изминатиот период беше заклучено дека е потребно  да се преиспита концептот на бројот на електрани што се  предвидени со Вардарска долина.  Се работеше за 12 електрани, но  некои анализи покажуваат дека во денешно време би било пооптимално  можеби нешто помал  број со поинаква конфигурација. На тоа прашање сакаме да дадеме договор пред да пристапиме кон реализирање на самиот проект, изјави Пешевски.

Потпишаните договори предвидуваат соработка во  земјоделството, истражувањето во таа гранка и размена на земјоделски технологии. Со Протокол за фито-санитарни услови за извоз на тутун од Македонија во Кина, значително треба да се олесни пристапот и пласирањето на македонскиот тутун на кинескиот пазар. Грантот од три милиони евра, предвиден со договор за економска и техничка соработка,  е наменет за целосна изградба на две основни училишта во општините Гази Баба и Мала Речица, и за реконструкција  за регионален центар  во бањата Кежовица, со целосна инфраструктура. Ќе се овозможат и обуки на македонски државни службеници во областите на надворешните работи и земјоделскиот развој, кои ќе одат на семинари во НР Кина.

Во состав на делегацијата на НР Кина која престојува во тридневна посета на Македонија, покрај потпреседателот на Државниот совет, се и министрите за земјоделство Хан Чангфу и на Државната комисија за етнички прашања Јанг Чинг, заменик-министерот за надворешни работи Џаи Џун, како и повеќе генерални директори на државни комисии и сектори, заменици-генерални директори.

Попладне претставници на кинеската делегација ќе бидат примени од претседателот Ѓорге Иванов и од премиерот Никола Груевски.