САД-Јадранска група: НАТО во Чикаго да испрати цврста порака за отворени врати за земјите аспиранти

НАТО на претстојниот самит во Чикаго да испрати цврста порака до земјите аспиранти дека Алијансата останува посветена на политиката на отворени врати кон евроатлантските интеграции во Југоисточна Европа, стои во заедничката изјава на министрите за одбрана на земјите од Јадранската повелба (Македонија, Албанија, Хрватска, Босна и херцеговина и Црна Гора) и САД, што произлезе од денешната конференција „Заеднички предизвици и здружени решенија“ на САД-А5, која денеска се одржа во Скопје.

Во изјавата се истакнува важната улога на Хрватска, Албанија и на САД во обезбедувањето на континуирана поддршка за останатите земји од А5 во нивните аспирации за полноправно членство во НАТО.

- Во тој контекст се реафирмира поддршката  за полноправно членство на Република Македонија во НАТО, што е можно поскоро, се подвлекува во заедничката изјава.

Се охрабруваат земјите од регионот да продолжат со имплементација на одбранбените реформи. Се потенцира и напредокот на земјите од регионот во зајакнување на демократијата и демократските институции, негувањето на одржлив развој и почитувањето на човековите права.

Во духот на НАТО концептот за „паметна одбрана“, стои во заедничката изјава, меѓу другото потребно е да се преземат чекори за реализација на мултинационалниот Балкански пристап во воздушната одбрана, како и заеднички регионални проекти како што е формирање регионални медицински сили, мрежно поврзување на сите регонални тренинг центри и проширување на соработката во полето на природни катастрофи.