Повторена чешката поддршка за интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ

Поддршка за влез во НАТО и во ЕУ, Македонија уште еднаш доби денеска од традиционално добрите пријатели од Чешката Република.

Пораката од Прага ја упати чешкиот министер за надворешни работи Карел Шварценберг од прес-конференцијата што се одржа по средбата со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

- Односите меѓу Македонија и Чешка се многу добри. Се интересираме многу за земјата и за нејзините соседи и интеграцијата во НАТО и ЕУ и ја поддржуваме нивната интеграција, рече првиот чешки дипломат.

Неодамна земјата го започна високиот дијалог со ЕУ, додаде тој, и се покажа колку добро Македонија е подготвена.

– Верувам дека со разговорите со Грција се на добар пат и кога ќе се реши спорот со името ќе бидеме среќни да и посакаме добредојде на Македонија во НАТО и во ЕУ, рече Шварценберг.

Во однос на членството на Македонија во НАТО и претстојниот Самит во Чикаго, одговарајќи на новинарско прашање тој истакна дека не е потребен самит за да биде дадена покана за членство.

– Тоа може да се направи на амбасадорско ниво на Северноатланскиот совет, рече чешкиот министер за надворешни рабои потсетувајќи дека Самитот во Чикаго не е за проширување туку дека сојузниците се договориле да разговараат за други прашања.

И покрај економската криза, како што рече Шварценберг, Македонија е на добар пат. На средбата денеска станало збор и за економската соработка помеѓу двете земји.

Чешкиот министер за средината на април ја најави посетата на премиерот Петр Нечас, кој во Македонија ќе допатува со бројна бизнис делегација. – Економската соработка е добра. Нашата взаемна трговија се зголемува, изјави Шварценберг.

Министерот за надворешни работи Попоски ја истакна важноста за влез на земјата во НАТО и во ЕУ.

- Македонија ја цени чешката поддршка за остварување на стратешките цели – членство во НАТО и во ЕУ, рече Попоски.

Земјата ги исполни критериумите за членство во НАТО и во ЕУ, а за тоа, како што истакна Попоски, потврди и пресудата од Хаг. Македонија, посочи тој, веќе е третирана како членка на Алијансата, а во однос на ЕУ имаме многу позитивни сигнали со отпочнувањето на високиот дијалог со ЕК. Во таа насока, рече, од особено значење е регионалната соработка.

Постојаноста на политиката на проширување е многу важна, додаде тој, и ние веруваме дека нашиот труд ќе биде вреднуван. Во Институтот за меѓународни односи Попоски одржува предавање насловено „Македонија на патот на НАТО и ЕУ: Чукање на отворена врата“.

Дводневната работна посета на Попоски завршува попладнево со куса средба со чешкиот премиер Нечас. Претходно денеска тој имаше средба со членовите на Комитетот за надворешни работи, одбрана и безбедност на Сенатот. Синоќа имаше средба со македонските иселеници во Прага, а вчера присуствуваше и на отворањето на почесниот македонски конзулат во Храдец Кралове.