Министерот Кралев посети образовни институции во Прилеп

Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска во Прилеп изјави дека во последните неколку години е направено многу за подобрување на инфраструктурата во училиштата во општината и дека МОН дополнително ќе вложува заедно со локалната самоуправа.

Тој ги посети ОУ „Кире Гаврилоски”, гимназијата „Мирче Ацев“,Институтот за тутун, каде што се дисперзираните студии по тутун од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, и  средното општинско учлиште „Орде Чопела” во кое се дисперзираните студии по рударство од  Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип.

Со буџет од општина Прилеп и со помош од Министерството за образование и наука и од повеќе донатори и странски асоцијации, во изминатите 5-6 години во прилепските училишта е инвестирано околу 5 милиони евра, а планирани се и уште околу 1,5 милиони евра.

- Во програмата на Министерството е во три основни училиште да се подобрат условите - во едно да се заменат прозорците, во друго парното греење, а во трето ќе се санираат санитарните јазли. За овие зафати ќе се издвојат околу 500.000 евра. Во две средни училишта е неопходно да се надградат градбите за нови училници и со локалната самоуправа ќе се бара начин тоа да се направи во наредниот период, а во меѓувреме да се завршат и спортските сали што ќе значи инвестиција од уште еден милион евра, рече Кралев.

Тој додаде дека за в година  се планира да се усвои барањето на Прилеп за изградба на ново основно училиште. Смета дека генерално  Општината добро ги исполнува обврските со децентрализацијата, а Министерството и е  на располагање за повеќе иницијативи.

Во иднина МОН ќе ги подобрува условите за дисперзирани студии, за што поголем број студенти од регионот да следат настава со помалку трошоци.

Прилепскиот градоначалник Марјан Ристески нагласи дека општината посветено вложува во подобрувањето на условите во училиштата и дека е меѓу првите општини во користење странски донации. Рече дека општината има и проект за ново основно  училишта, а во две населени места, Галичани и Беровци, се градат монтажни училишта кои се дел од проект на Владата.

Министерот за образование и наука во Прилеп  имаше средба и со претставници на невладини организации од градот.