Владина делегација во посета на Обединетите Арапски Емирати

Министерот за странски инвестиции, г-дин Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко-инустриски зони, г-дин Виктор Мизо престојуваат во тридневна посета на Обединетите Арапски Емирати.

За време на вчерашниот ден тие ги посетија емиратите Абу Даби, Ајман и Шарија, при што остварија средби со министерот за високо образование и научно истражување г-дин Нахајан Бин Мубарак Ал Нахајан, Неговото Височество шеикот Амар Бин Хумаид Бин Рашид Ал Нуаими, принц на емирот Ајман, претседателот на стопанската комора  на Ајман г-дин Абдулах Ал Мувајаи и директорот на слободната зона Хамрија во Шарија г- дин Сауд Салим Ал Мазое.

На средбите министерот Павлески и директорот Мизо ги презентираа бизнис климата и можностите за инвестирање во Република Македонија, со посебен акцент на инвестициите во инфраструктурата, енергетиката, недвижностите, образованието, земјоделството и слободните економски и туристички зони. Притоа, беа претставени повеќе конкретни проекти од заеднички интерес и беа разменети искуства за идна соработка со конкретни активности.

Денеска делегацијата престојува во Дубаи каде ќе оствари средби со потсекретарот во Министерството за надворешна трговија, г-дин Абдула Ал Салех, основачот и претседател на медицинскиот универзитет, г-дин Тумбаи Моиден и претседателот на Годишното собрание на инвеститори, г-дин Давод Ал Шезави.