Премиерот Заев: Стартува реализација на првите 23 проекти за граѓаните од ТАВ програмата, инвестиции во инфраструктура за нови вработувања и економски развој

„Ми претставува чест и задоволство што денес ги доделуваме договорите на 23 општини за реализација на проекти за граѓаните, со вкупна вредност од 609,9 милиони денари односно 9,9 милиони евра. Станува збор за инфраструктурни проекти кои ќе го подобрат квалитетот на живеење за граѓаните. Поточно, средствата се наменети за изградба на водоводни мрежи, фекална и атмосферска канализација, реконструкција на локални патишта, доизградба на детски градинки, реконструкција на основни и средни училишта, резервоари за вода, системи за водоснабдување и останати проекти. Предвидено е да се реализираат над 90 инфраструктурни проекти, во сите плански региони за што се издвоени 49,7 милиони евра. Ова е прва група, следната е на почеток на јули и третата фаза околу 20 јули“, рече премиерот Зоран Заев во денешното обраќање по повод церемонијата на доделување на договорите за првите 23 општини од ТАВ Програмата.

Премиерот Заев истакна дека Владата континуирано се залага за рамномерен регионален развој и јакнење на инфраструктурата на општинско ниво.

„Ја зајакнуваме децентрализацијата и овозможуваме максимално можен трансфер на надлежности од централно на локално ниво. За таа цел започнавме реформа за унапредување на фискалната децентрализација преку реализирање на 3 главни столба и тоа раст на приходите на општините, отплата на долговите, како и домаќинско, транспарентно и отчетно работење.  Владата со буџетски средства и со поддршка на партнерите соработници како и со меѓународните финансиски институции спроведува проекти, конкретно насочени кон развој на општините. Главната цел е зајакнување на инфраструктурата и подобрување на условите за живот на локално ниво. Продолжуваме да поддржуваме трајни добра, бидејќи изградбата на локалната патна инфраструктура,  водоснабдителна мрежа,  канализациони мрежи, реконструкција, изградба на градинки и училишта и спортски објекти, здравствени установи,  се за подобар животот на граѓаните, за нови вработувања и економски развој“, рече Заев.

Договорите на градоначалниците  им ги  доделија Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции и Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија. На настанот присуствуваа и првиот заменик на претседателот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, како и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Сани Шенер, главен извршен директор и претседател на групацијата ТАВ Аеродроми во своето обраќање истакна дека оперативните и финансиските успеси имаат значење само кога создаваат општествена вредност.

„Дваесет и трите договори кои ги потпишавме денеска со Владата, вредни 9,9 милиони евра, се првиот дел од вкупниот износ на инвестицијата од 49,7 милиони евра, кои наместо за изградба на карго-аеродром се пренаменуваат за проекти на локалната самоуправа и инвестиции во аеродромите. Ние во ТАВ веруваме дека оперативните успеси се значајни само кога создаваат општествена вредност, оттука важно е што овие средства, преку општините, ќе се користат за подобрување на локалната инфраструктура. Се надеваме дека заедно со Владата ќе продолжиме да создаваме успешни приказни и во оваа насока им благодарам на сите владини институции за добрата соработка”, изјави Шенер.

Во првата група се опфатени следните општини: Бутел, Прилеп, Ново Село, Шуто Оризари, Крива Паланка, Валандово, Струмица, Делчево, Ресен, Пробиштип, Карбинци, Липково, Тетово, Чаир, Сарај, Росоман, Босилово, Карпош, Старо Нагоричане, Неготино, Зелениково, Теарце и Боговиње. 


Премиерот Заев: Стартува реализација на првите 23 проекти за граѓаните од ТАВ програмата, инвестиции во инфраструктура за нови вработувања и економски развој

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев се обрати на доделувањето на првите договори за инфраструктурни проекти на 23 општини од ТАВ програмата. На доделувањето беа присутни и првиот заменик на претседателот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, генералниот директор на ТАВ Македонијa Метин Батак и главниот и извршен директор и претседател на ТАВ Аеродроми Сани Шенер. 

Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Заев.
 
Почитувани дами и господа,

Почитуван, Артан Груби, прв заменик претседател и министер за политички систем и односи меѓу заедниците,
Почитуван  Фатмир Битиќи, заменик претседател за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции,

Почитуван Благој Бочварски, министер за транспорт и врски,
Почитуван Сани Шенер, главен извршен директор и претседател на ТАВ Аеродроми,
Почитувани присутни претставници на раководството на ТАВ,
Почитувани градоначалници,
Почитувани претставници на медиумите,
 
Ми претставува чест и задоволство што денес ќе ги доделиме договорите на 23 општини за реализација на проекти за граѓаните, со вкупна вредност од 609,9 милиони денари односно 9,9 милиони евра.
 
Станува збор за инфраструктурни проекти кои ќе го подобрат квалитетот на живеење за граѓаните. Поточно, средствата се наменети за изградба на водоводни мрежи, фекална и атмосферска канализација, реконструкција на локални патишта, доизградба на детски градинки, реконструкција на основни и средни училишта, резервоари за вода, системи за водоснабдување и останати проекти.
 
Предвидено е да се реализираат над 90 инфраструктурни проекти, во сите плански региони за што се издвоени 49 милиони евра. Ова е прва група, следната е на почеток на јули и третата фаза околу 20 јули.
 
Средствата се обезбедени со одлука на Влада за прераспределба на парите од концесионерот ТАВ, кои беа наменети за изградба на карго аеродром во Штип, а  сега со нив ќе се финансираат проекти низ општините во целата држава и ќе се прошират  капацитетите на аеродромските згради во Скопје и Охрид.
 
23-те проекти кои ќе се реализираат во првата група се следни:
 
-    Во општина Бутел предвидена е доизградба на детската градинка „Св. Климент Охридски“
-    Во Општина Прилеп ќе се врши реконструкција на главниот довод на Пашовски ливади
-    Во Општина Ново Село со предвидените средства ќе се гради  канализационен систем во с. Сушица
-    Понатаму во Општина Шуто Оризари, средствата се предвидени за изградба на атмосферска канализација
-    Во Општина Крива Паланка, ќе се реконструира улицата Вршачка
-    Во Општина Валандово поточно за с. Раброво предвидена е изградба на канализација и колекторски систем
-    За Општина Струмица - Проект на регулација на Порој - Св. Илија
-    Во Делчево - Предвидена е реконструкција на училишна фасада на ООУ „Ванчо Прке“,
-    Во Општина Ресен – Во населено место Сливница следи изградба на канализација
-    Во Пробиштип – реконструкција на улица Даме Груев,
-    Во Карбинци - Регионален водоводен систем Голема Плачковица
-    Во Липково – Водовод за селото Лојане,
-    За Тетово – изградба на патот Благоја Тоска,
-    Во Чаир се предвидува реконструкција на постоечка водоводната мрежа и  реконструкција на постоечка канализација 
-    За Сарај, реконструкција на патот Буковиќ – Раовиќ
-    Во Општина  Росоман, рехабилитација и санација на главен цевковод за водоснабдување на  с. Крушевица
-    Во Босилово, изградба на водоводна мрежа во населено место Гечерлија
-    Во Карпош, партерно уредување-реконструкција на пешачка зона -платформа на станбено-деловен комплекс - Порта Влае
-    Во Старо Нагоричане, изградба на патен правец до с. Драгоманце
-    Во Неготино, изградба на улици во село Тимјаник
-    За општините Зелениково, Теарце и Боговиње предвидени се средства за изградба на комунална инфраструктура.

 
Почитувани граѓани,

Владата континуирано се залага за рамномерен регионален развој и јакнење на инфраструктурата на општинско ниво.
 
Ја зајакнуваме децентрализацијата и овозможуваме максимално можен трансфер на надлежности од централно на локално ниво.
 
За таа цел започнавме реформа за унапредување на фискалната децентрализација преку реализирање на 3 главни столба и тоа раст на приходите на општините, отплата на долговите, како и домаќинско, транспарентно и отчетно работење.  Владата со буџетски средства и со поддршка на партнерите соработници како и со меѓународните финансиски институции спроведува проекти, конкретно насочени кон развој на општините.
 
Главната цел  е зајакнување на инфраструктурата и подобрување на условите за живот на локално ниво.
 
Продолжуваме да поддржуваме трајни добра, бидејќи изградбата на локалната патна инфраструктура,  водоснабдителна мрежа,  канализациони мрежи, реконструкција, изградба на градинки и училишта и спортски објекти, здравствени установи,  се за подобар животот на граѓаните, за нови вработувања и економски развој.
 
Ви благодарам на вниманието, како и на заедничката соработка со ТАВ Аеродроми.