Новата градинка „8 Април“ претставува современо место за безгрижно детство и едукација на најмладите од општина Шуто Оризари

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска во Општина Шуто Оризари присуствуваше на отворање на новата градинка „8 Април“. Покрај премиерот Заев, на настанот присуствуваа и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, градоначалникот на општина Шуто Оризари  Курто Дудуш, претставничката на УНДП во земјата, Нарине Сахакјан и заменик амбасадорот на Кралството Норвешка во Белград,  Геир Хагон Јохансен.

Во своето обраќање премиерот Заев се осврна на заложбата и посветеноста на Владата, во континуитет да вложува во подобри услови за најмладите во предшколска возраст.

„Со гордост можам да најавам дека од денеска децата од оваа општина  со 22.000 жители   претежно од ранливи категории, ќе имаат можност да престојуваат во модерна градинка конципирана  според највисоките стандарди за предучилишна установа.  По  завршувањето на втората фаза од реконструкцијата на градинката „8 Април“ го зголемуваме капацитетот на згрижени деца од оваа општина кој сега изнесува вкупно 236 деца и дополнителни 70 во делот јасли. Објектот е изграден со примена на најсовремени енерго – ефикасни решенија и со вграден зелен покрив кој нуди дополнителни можности за активности на отворено. Освен високите стандарди за енергетска ефикасност, градинката „8 Април“ ги вклучува и стандардите за пристапност и инклузивна опрема за игралишта, обезбедувајќи им и на децата со попреченост да уживаат еднакви можности со своите врсници“, рече премиерот Заев.

Министерката Шахпаска информираше дека градинката има капацитет да згрижи 150 деца, а заедно со новиот дел кој се доизгради, ќе бидат опфатени 236 деца на возраст од 2-6 години, организирани во 6 занимални и 70 деца во јасли или вкупно 306 деца.

„Со вакво темпо, се приближуваме кон исполнувањето на наше ветување како Влада и како Министерство, а тоа  е опфат на 60% од децата во предучилишно воспитание и образование. Со посветена работа, веруваме дека до крајот на мандатот ќе успееме да го постигнеме овој процент“, рече Шахпаска.

Градоначалникот Дудуш, се заблагодари на сите вклучени во овој проект потенцирајќи ја важноста на оваа градинка за жителите на општина Шуто Оризари.

„Ги охрабруваме сите млади родители, иднината на своите деца да ја започнат тука, запишувајќи ги во најубавата и енергетско ефикасна детска градинка „8 Април“. Градинката, заедно со новиот парк, се сликата која треба да ја најави новата трансформација на нашата општина во урбанизирана, модерна општина со достапни услуги во сите сфери. Врвен приоритет и во иднина ќе ни биде изградба на што повеќе воспитни установи и паркови, разеленување на општината и создавање на услови за здрав раст и развој на нашите деца“, заклучи градоначалникот Дудуш.

Претставничката на УНДП Сахакјан, информираше и за вториот дел од објектот каде е сместена градинката, кој е во завршна фаза и треба да прерасне во првиот Дневен центар за деца во ризик во Шуто Оризари.

„УНДП започнува кампања за собирање на средствата кои се  потребни за опремување на Центарот, односно компјутери и ИТ опрема што ќе им помогне на деца да го унапредат своето образование и да се здобијат со неопходни вештини за просперитет во пост-пандемискиот свет. Ги охрабрувам сите што можат да ги отворат своите срца и да донираат преку Интернет, посетувајќи ја веб-страницата на УНДП, mk.undp.org. Дури и мал придонес ќе ни помогне да им дадеме на децата во ризик шанса да научат и да стекнат вештини што ќе ги задржат надвор од улиците“, апелираше Сахакјан.

„Норвешка става голем акцент на квалитетно, инклузивно и достапно образование, како дома така и во странство. Затоа, кога единствената градинка во оваа заедница беше целосно уништена во пожар пред три години, решивме да помогне да се обнови и да прерасне во центар за грижа и учење со кој сите би можеле да бидат горди. Градинка што би ги поттикнала  децата во Шуто Оризари да имаат големи соништа. Преку норвешкото Министерство за надворешни работи, во првата фаза инвестиравме 750 илјади долари за реконструкцијата и дополнителни 600 илјади за втората фаза, што резултираше со новиот простор што ние го отвораме денес“, подвлече заменик амбасадорот Јохансен.

Од септември до денеска отворени се 12 новоотворени градинки, со вкупен капацитет од околу 700 деца,  а до крајот на годината е предвидено да бидат завршени уште дополнителни 13 нови градинки со опфат од 1.400 деца.
 


 

Заев: Продолжуваме со вложување во современи градинки и подобрување на условите каде најмладите ќе можат безгрижно да растат

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска беше дел од настанот за отворање на новата градинка „8 Април“ во Општина Шуто Оризари. 

Во продолжение интегралното обраќање на премиерот Заев:

„Ми претставува голема чест и задоволство што денеска присуствувам на отворањето на градинката „8 Април“ во Шуто Оризари, која  во себе ги обединува принципите за кои сите ние како заедница силно се заложуваме: принципот на инклузивност, мултикултуралност и енергетска ефикасност.

Со гордост можам да најавам дека од денеска децата од оваа општина  со 22.000 жители   претежно од ранливи категории, ќе имаат можност да престојуваат во модерна градинка конципирана  според највисоките стандарди за предучилишна установа.  

По опожарувањето на старата градинка, во 2017 година, околу 170 деца од претшколска возраст беа згрижени во импровизирани услови во општинското средно училиште, а дневниот центар со околу 100 деца од улица привремено беше сместен во супстандардни услови во дел од амбулантата во општината. 

По  завршувањето на втората фаза од реконструкцијата на градинката „8 Април“ го зголемуваме капацитетот на згрижени деца од оваа општина кој сега изнесува вкупно 236 деца и дополнителни 70 во делот јасли. Објектот е изграден со примена на најсовремени енерго – ефикасни решенија и со вграден зелен покрив кој нуди дополнителни можности за активности на отворено. 

Освен високите стандарди за енергетска ефикасност, градинката „8 Април“ ги вклучува и стандардите за пристапност и инклузивна опрема за игралишта, обезбедувајќи им и на децата со попреченост да уживаат еднакви можности со своите врсници. 

Очекуваме отворањето на  оваа градинката  да има позитивно влијание врз целокупната заедница на оваа општина, да создаде услови за  поголема активација на невработените Роми на пазарот на трудот, посебно на невработените жени, како и подобрување на образовните услови за ромската заедница. 

Со голема радост најавувам дека во рамките на овој објект наскоро ќе почне со работа и првиот Центар за дневен престој за деца со ризик во општина Шуто Оризари, во кој е предвидено да бидат згрижени околу 100 деца од ранливите категории. Во овој нов, безбеден, модерен и функционален објект тие ќе можат да престојуваат, да учат и да добијат соодветна грижа. 

Со ова покажуваме дека остануваме посветени на борбата за остварување на подобра социјална интеграција и социјализација на децата од ранливи категории од ромската заедница и порачуваме дека сите деца ни се еднакво важни и заслужуваат еднакви шанси. 

Министерството за труд и социјална политика учествуваше во опремување на градинката во вредност од 6,5 милиони денари, додека градежните активности се реализираа со 1,5 милиони долари од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград преку УНДП.

Со овој чекор уште еднаш ја потврдуваме генералната заложба на Владата за отворање на нови градинки, со што на родителите ќе им обезбедиме полесен пристап до згрижување на нивното дете, но и подобрување на условите за згрижување во веќе постоечките градинки. Од септември до денес броиме 12 новоотворени градинки, со вкупен капацитет од околу 700 деца,  а до крајот на годината е предвидено да бидат завршени уште дополнителни 13 нови градинки со опфат од 1400 деца. 

Со ова решително го продолжиме трендот на креирање инклузивно квалитетно згрижување, воспитување и предшколско образование за сите и преку партнерски однос и пружање поддршка ги охрабруваме и родителите да бидат поефективни на пазарот на трудот. 
Борбата за справување со социјалните ризици ни е заедничка, и заедно ќе ја водиме, сè додека не обезбедиме подобар живот за сите.“