Премиерот Груевски се сретна со потпретседателот на Државниот совет на НР Кина, Лиангју

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со потпретседателот на Државниот совет на Народна Република Кина,  г-дин Хуеј Лиангју, кој предводи висока кинеска делегација што е во посета на Република Македонија.

На средбата беше изразено задоволство од постигнатото мошне високо ниво на вкупните односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина што ги карактеризира дух на пријателство, меѓусебно разбирање и висок степен на доверба.

Претседателот на Владата, г-дин Груевски, го информираше својот соговорник за надворешно политичките стратешки приоритети на Република Македонија за членство во ЕУ и НАТО, како и за активностите кои што се одвиваат во тој контекст.

Исто така, претседателот Груевски потенцираше дека економскиот развој е еден од главните приоритети на Владата на Република Македонија и дека во таа насока постои особен интерес за унапредување на економските односи со НР Кина и привлекување на кинески инвестиции во Македонија.

Беше истакнато дека и покрај неповолните светски економски трендови, постојат уште многу можности кои што со заеднички напори можат да го зголемат обемот на билатералните економски односи, при што присуството на кинески компании на македонскиот пазар е секогаш добредојдено, а реформите што ги спроведува Владата во повеќе сфери ќе даде поттик и охрабрување за зајакнато кинеско инвестирање во Република Македонија.

Претседателот Груевски како особено значајна ја оцени меѓусебна соработка  во областа на земјоделството, при што беше изразено задоволството што денеска се потпишаа Меморандумот за соработка во областа на земјоделството и Протоколот за фитосанитарни услови за извоз на тутун од Република Македонија во НР Кина, со кој ќе се овозможи извоз на македонскиот тутун на кинескиот пазар.

Двајцата соговорници заклучија дека постои взаемен интерес и подготвеност за понатамошно продлабочување на односите  и соработката помеѓу двете пријателски земји, како на политички билатерален и мултилатерален план, така и во доменот на економијата.