„Во претходната година, година во време на една од најголемите кризи, Владата преку своите редовни програми за поддршка на домашните и странските компании исплати рекордни 70 милиони евра, финансиска поддршка која покрај 6-те пакети мерки беше секако значајна поддршка и уше една подадена рака во предизвикот во кој сите се најдовме“, истакна заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во рамки на Првиот економски форум, во Скопје, во х. „Александар Палас“, учествувајќи на панел дискусијата на тема „Економското закрепнување на Северна Македонија по пандемијата, заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими.
Нагласувајќи ги трите параметри кои треба да придонесат за економскиот раст и тоа: работната сила, продуктивноста и физичкиот обем на капитал, вицепремиерот Битиќи истакна дека токму затоа е креиран Интервентниот план за инвестиции, со кој се дава предлог во наредните пет до седум години на значителен, голем обем на инвестиции и тоа и како приватни и како јавни инвестиции.
„Направивме значителен исчекор во година на пандемија, направивме други законски измени коишто ќе значат структурна промена на нашата економија. Она што е следен чекор што како држава мораме и ќе го направиме, е, преку системски решенија и стратешки пристап во креирањето на нашите економски политики полека ја менуваме структурата на нашиот бруто домашен производ (БДП)“, додаде Битиќи.
Вицепремиерот подвлече дека мерките се така креирани, за да може на среден и долг рок да се влијае на зголемување на процентот на производната индустрија во креирањето на БДП, со што можеме да постигнеме значаен раст на домашната економија.
„Затоа што сметаме дека само со значително зголемување на процентот на производствената индустрија во структурата на БДП, ние ќе можеме да зборуваме за одржлив економски раст и само така на среден рок ќе дојдеме на двојно поголем раст на БДП, за да се намали разликата којашто постои помеѓу нас и земјите на Европската Унија“, заклучи вицепремиерот Битиќи на дебатата, во рамки на Економскиот форум, со фокус на поставување темели за стабилност и просперитет во Северна Македонија.