Вицепремиерот Битиќи и министерот Бесими на Преспа форумот дијалог – Нашите национални економии се можеби мали со големи аспирации но заедно сме регион со капацитети и просперитет

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими денеска претседаваа со првата пленарна економска и бизнис сесија „На патот до подобро поврзан и интегриран регион – Кој е ризикот? Како да стигнеме таму?“, која се одржа во рамките на „Преспа форумот дијалог“.
  
На првиот дел од оваа сесија, покрај вицепремиерот Битиќи и министерот Бесими дискутираа и заменик помошникот секретар во Бирото за Европски и Евроазиски работи во Стејт Департментот на САД, Метју Палмер, министерката за економија на Република Косово, Артане Ризваноли, генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда Брегу, претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа и извршниот директор на Стопанска комора на Северна Македонија, Антони Пешев.
 
Отворајќи го панелот, вицепремиерот Битиќи го изрази своето задоволство за организацијата на ваков значаен и голем настан кој е производ на конструктивниот и отворен дијалог. Тој истакна дека Договорот од Преспа, склучен пред неколку години денес ги спои сите учесници, од Балканот, Европа и светот на овој Форум.
  
„Тоа е моќта на отвореност и взаемно почитување - тоа може да донесе само перспектива и заеднички просперитет. И тоа е она за што сите ќе зборуваме денес, за иднината на нашиот регион. Регионот на Западен Балкан може да се гледа како шест различни земји - или дури осум или десет. Но, може да се види и како еден заеднички регион, со заедничка историја, слична економска структура и слични проблеми. Пандемијата со корона вирусот покажа дека не постојат граници. Иселувањето, миграцијата, не застануваат на Балканот или на границата со ЕУ. Глобалната интернет компанија Амазон е сериозна конкуренција на традиционалните продавници не само во Љубљана, туку и за оние во Загреб, Сараево, Подгорица, Белград, Тирана, Приштина и Скопје, а исто така и загадувањето не застанува на граничните премини“, започна во своето излагање вицепремиерот.
  
Тој посочи дека сите земји влегуваат во периодот на опоравување по пандемијата предизвикана од КОВИД-19, и тоа го гледа како единствена шанса да се зголеми соработката на земјите во регионот и да се работи заеднички на побрзо економско закрепнување и активности за побрз раст и развој.
  
„Да ги вложиме сите наши напори за регионална конкурентност, наместо за создавање на регионална конкуренција. Додека работиме кон создавање на заеднички регионален пазар, правиме чекор напред кон единствениот пазар на ЕУ, што ќе ја зајакне нашата економска интеграција. На состанокот на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6, ја презедов иницијативата за создавање на единствена политика за субвенции за странски директни инвестиции за сите земји од Западен Балкан, но исто така и креирање силен регионален синџир на вредност - што ќе ја подобри нашата конкурентност многу повеќе отколку што може да направи секој од нас - индивидуално. Потребата од “near shoring“, мислам дека е научена лекција од изминатата година кога имавме пандемија и кога далечните азиски синџири за снабдување не беа достапни“, посочи Битиќи и се осврна на активностите на Владата на Република Северна Македонија за изградба на квалитетна инфраструктура за зголемена конкурентност.
  
„Во неодамна усвоениот Интервентен план на инвестиции, предвиден е буџет од над 2,7 милијарди евра за изградба на нови патишта, реконструкција на сегашните и модернизација на железничката инфраструктура. Завршувањето на сите паневропски коридори е еден од врвните приоритети на мојата земја. Ова, заедно со воспоставувањето на зелените транспортни коридори е од суштинско значење за постигнување на целите на Заедничкиот регионален пазар. Поединечно, ние сме мали земји со големи аспирации, но заедно сме одличен регион со уште поголем просперитет. Заедништвото е клуч за успехот“, нагласи вицепремиерот.
  
Битиќи го изрази своето силно верување дека регионалната конкурентност ќе ја зајакне отпорноста на регионот, ќе донесе просперитет за граѓаните, создавајќи посилен пазар на трудот, ќе донесе раст и светла иднина за економиите и истовремено ќе ги подготви за влез на големиот пазар на Европската Унија.
  
„Не сакам ова денес да биде само еднонасочен разговор, туку отворен дијалог за да можеме да размениме визии и идеи, бидејќи ова денес не е само за Фатмир од Северна Македонија, тоа е исто така за Душан од Србија, Арбен од Албанија, Софија од Црна Гора, Розафа од Косово или Јанис од Грција - тоа е за сите 18 милиони луѓе од нашиот регион, така што треба да разговараме и да ја создадеме нашата иднина заедно и очекувам плодна дискусија“, заврши во своето излагање на панелот вицепремиерот Фатмир Битиќи.
  
Министерот за финансии Фатмир Бесими посочи дека заедничкото дејствување и поврзувањето на земјите во регионот може да даде синергија во резултатите кои сите земји од Западен Балкан сакаат да ги постигнат, односно економски раст и развој и иднина во Европската унија.
  
„Случувањата предизвикани од пандемијата со КОВИД-19 најдобро покажуваат колку нашите општества и економии се поврзани и зависат едни од други. Со почетокот на пандемијата, преземањето на здравствените мерки и нарушувањето на глобалните синџири на добавување, беше прашање на денови сите економии да забележат остар пад на економската активност. Без исклучоци, падот на едните предизвика пад кај сите други. Во текот на кризата, зајакна свеста за заедништво на глобално ниво. Од аспект на здравството, заедничките сили беа насочени кон пронаоѓање вакцини и мерки за сузбивање на ширењето на вирусот. Од аспект на економијата беа усвоени повеќе планови и пакети за поддршка на помалку развиените економии. За релативно кус период светот ефективно одговори на кризата. Во регионот, соработката помеѓу владите зајакна преку заедничко следење на случувањата со пандемијата и преземање на координирани активности. Истовремено, на економски план, земавме примери едни од други за спроведување на антикризните мерки за поддршка на стопанството и граѓаните“, подвлече Бесими.
  
Министерот за финансии посочи дека постојат повеќе иницијативи за регионално поврзување, како и дека постои свест за придобивките кои ги носат регионалните интеграции. Но, како што истакна, треба активно и конзистентно да се работи на спроведување на иницијативите и договорите за спроведување на регионалните интеграции.
  
„Последните години има повеќе мултилатерални иницијативи за економско поврзување на земјите од Западен Балкан, и истите се насочени кон постигнување на „четирите слободи“ на Западен Балкан, односно слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал. Повеќегодишниот акциски план за регионална економска област веќе резултираше со различни погодности за жителите на Западен Балкан, како на пример, нула трошоци за роаминг услугите, којшто всушност почнува од денес. Она што е јасно е дека иницијатива постои, a она што е од клучно значење е конзистентноста и заложбата истата да се спроведе. Исто така важна е поддршката од нашиот континуиран партнер во развојот Европската Унија“, потенцираше во своето излагање министерот за финансии Фатмир Бесими.