Карлос Слим пристигна во Македонија

Мексиканскиот бизнисмен со либанско потекло Карлос Слим пристигна во Македонија. На средба со премиерот Никола Груевски попладнево дискутираа за повеќе теми. Доста е подготвен за  економските аспекти на земјата. Сака да ја запознае државата, да види кој ја раководи. Ова е прв состанок на Слим, а утре на работен состанок со повеќе економски министри ќе се запознае со владините проекти за привлекување странски директни инвестиции. 

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски по пристигнувањето на Слим изјави дека тој е добро запознат со Македонија и оти знае за стапката на невработеноста, задолженост, гранките кои имаат потенцијал, кои се најголеми извозници, кои се потенцијалите во енергетиката, металството, и телефонијата. - Има доста прочитано за Македонија, од последниот состанок што го имавме, изјави Ивановски.

Како што изјави министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на средбата со премиерот  дискутирано и за образованието, односно за проектите за модернизација на образованието што ги има Владата. - Тој е познат филантроп и од својата Фондацијата што ја има во Мексико инвестира многу за модернизација на училиштата, воведување информациски и телекомуникациски технологии, изјави Ивановски.

За тоа дали тој изразил поконкретен интерес, Ивановски посочи дека ова е само прв состанок и запознавање и оти утре ќе има работен состанок со економскиот владин тим на кој ќе бидат презентирани проектите на Владата за привлекување странски директни инвестиции. На состанокот, како што рече, ќе бидат пристуни и седум пријатели на Слим кој пристигнаа со него во Македонија.

- Се уште е рано, но како што кажа битно е да ја види прво земјата и да види кој раководи со државата. Му се допадна младиот владин тим и од она што е избрифиран и согледувајќи ги резултатите што Македонија ги има направено во изминатиот период, кога имаше економска криза, а Македонија се покажа дека добро знае да владее со економските сектори, дека имавме позитивни резултати, тоа за него особено значи, изјави министерот Ивановски.  

Слим досега не инвестирал во Европа, но тој и неговите компании се заинтересирани  да го прошират својот бизнис.

Карлос Слим задутре е во Охрид каде ќе се одржи  Состанок на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој формирана од Меѓународната телекомоникациска заедница и УНЕСКО, со која претседава тој.

Мексиканскиот бизнисмен со либанско потекло Карлос Слим Хелу, инаку претседател на Фондацијата „Карлос Слим“ според американскиот бизнис-магазин „Форбс“ веќе три години по ред е најбогатиот човек во светот. Неговото богатство е проценето на 69 милијари долари.