На маргините на конференцијата на „Економист“ во Атина, премиерот Зоран Заев, оствари средба со амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат. На средбата, со фокус на енергетско-економските иницијативи, присуствуваа и вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, како и министерот за економија, Крешник Бектеши.
Премиерот Заев изрази благодарност за севкупната поддршка што Северна Македонија ја добива од САД во континуитет и рече дека денешното потпишување на Договорот за гасниот интерконектор е историски за Северна Македонија од аспект на тоа што Северна Македонија за прв пат инвестира во Грција во еден ваков стратешки проект за целиот регион.
Дополнително премиерот Заев го информираше амбасадорот Пајат за актуелните политички и економски процеси во Северна Македонија и изрази благодарност за неговиот фокус на проектите во земјата и целиот Западен Балкан.
Амбасадорот Пајат изрази силни заложби за интензивирање на стратешкото партнерство, а како што рече потпишувањето на денешниот договор е од големо значење, и за Северна Македонија, и за Грција и за САД.
На состанокот се разговараше и за одличната соработка во одбраната и НАТО партнерството како и за неодамнешната заедничка вежба на американски, македонски, грчки и бугарски војници.
Амбасадорот Пајат подвлече дека посетите на премиерот Заев во Атина се важни и даваат позитивен импулс на зајакнување на соработката меѓу двете земји.