Промена на болничката позитивна листа во делот на јачините на лековите

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска најави измени на болничката позитивна листа во делот на јачините преку дополнување на сите наведени јачини и за рефундација на лек набавен во странство.

Тој појасни дека на македонскиот пазар постојат регистрирани лекови кои се админстрираат во хоспитални услови, но оти не се сите на болничката позитивна листа, или само некои од нивните регистрирани јачини или дози се на позитивната листа. Тоа, според Тодоров е ограничувачки фактор за јавните здравствени установи кога прават набавки, но и кога се администрира терапија.

- Ако е потребно да се админитрира лек од 50 мегаграми, а таа јачина ја има на пазарот, но не е на позитивната листа, а на позитивната листа е само јачина од 10 мегаграми, тогаш се трошат пет единици од јачината од 10 мегаграми што е поскапо од еден од 50. Уште полошо е ако е потребно да се администрира помала доза од таа што е на позитивната листа, односно лек од пет мегаграми кој на пазарот го има, а на позитивна листа е самото дозата од 10, во тој случај половина од лекот се фрла, посочи Тодоров.

Промената, нагласи тој, ќе се одрази на 83 генерички лекови кои се дополнуваат по јачина од кои 36 лекови по генерика со јачина земена според концентрација и 47 лекови по генерика со јачина кои може да се сметаа како нови, според референтните цени.

- Со дополнување на јачината на генерики кои досега биле на листа се зголемува конкурентноста, што е суштина на тендерската набавка и на пазарната економија, рече Тодоров.

Како пример го посочи лекот Паминдрониц ацид со досега регистрираната јачина од 90 мегаграми на шест милилитри и чини 7.900 денари, а со измената на листата, ќе биде и дозата од 90 мегаграми на 30 милилитри и ќе има регистрирано цена од 3.000 денари.

За рефундација за лек набавен во странство, Тодоров нагласи ако лекот не е регистриран во Македонија, може да се даде дозвола за увоз за лек за поединечни пациенти кои имаат медицинска документација и се наоѓа на позитивна листа тогаш Фондот за здравствено осигурување ќе ги рефундира средствата.

- Доколку лекот не е регистриран на територијата на Република Македонија и не е на позитивна листа, или лекот е регистриран и е достапен во земјата, ФЗО нема обврска да ги рефундира средствата и Бирото за лекови нема да даде дозвола за увоз на лекови за поединечни пациенти, бидејќи овој лек пациентот има можност да го набави во државата, рече Тодоров.

Со промените, според него, ќе се добие зголемување на изборот на лекови кои паѓаат на товар на Фондот, рационално користење на лековите, особено на специфични и скапи лекови, односно нема да се користат повеќе ампули или дел од ампули при администрирањето на терапијата и стимулација на помалите добавувачи да извршат регистрација на повеќе јачини на и на тој начин да влезат на позитивната листа.