Премиерот Заев на промоцијата на Комплекс Планет: Вредноста на инвестицијата од 28 милиони евра потврдува дека Северна Македонија е добро место за бизнис

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска се обрати на настанот по повод промотивната активност за изградба на станбено-деловниот проект Комплекс Планет.
 
На настанот присуствуваа и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, Артан Груби, прв заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, претседателот на партијата Демократска унија за интеграција Али Ахмети, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, градоначалникот на општина Сарај Блерим Беџети, инвеститорите на Комплекс Планет, како и други бројни гости.
 
Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:
 
„Ми претставува посебно задоволство да присуствувам на овој настан со кој се промовира еден исклучително иновативен, креативен и, пред сѐ и над сѐ, храбар проект.
 
Предизвикот да се изгради сосема нов станбен и урбан комплекс во близината на Скопје, кој практично претставува мал град, навистина заслужува почит.
 
Денеска сме на место на кое за неколку години ќе никне комплексот Планет на 150 хектари со 142 вили, со сета придружна инфраструктура од улици и пристапни врски со постоечката градска патна мрежа, канализации, вододоводна мрежа, како и мрежа за електрична енергија и интернет.
 
Станува збор за супер модерна населба која ги има предвид сите функционалности за едно урбано живеење вклучувајќи објекти за здравствена заштита, пошта, банка, библиотека и книжарница, градинка, надворешен амфитеатар за организација на настани, спортски центри, хелиодром, базени и хотелско ресторански комплекс.
 
Она што е исклучително значајно е што градбата на целиот станбено-деловен комплекс зафаќа само околу 20% од вкупната површина што ја опфаќа инвестицијата, а остатокот од 80% му припаѓа на зеленилото.
 
Креаторите на комплексот Планет се прилагодиле на природата и на еколошката функционалност на теренот и во средината на комплексот е централниот парк кој, всушност, го претставува веќе постоечката шума во границите на локацијата за негова изградба.
 
Сместен на влезот на Скопје од неговата западна страна, меѓу реките Вардар и Треска, почнува да се издига станбено деловен комплекс според највисоки стандарди и за чија изградба пред сѐ се задолжени веќе докажаните градежни компании на инвеститорите „Блеро-Фикс“ и „Валмир компани“, а ќе бидат вклучени и десетици други компании подизведувачи од различни дејности.
 
Вредноста на оваа инвестиција од 28 милиони евра е сериозно раздвижување и придонес и за нашата вкупна економија и затоа проектот ги заслужува сите пофалби и охрабрувања.
 
Дозволете на крајот да ги изразам моите честитки до инвеститорите за нивната храброст и која дополнително потврдува дека Северна Македонија е добро место за инвестиции.
 
Честитки и за храброста и подготвеноста на Општина Сарај да прифати и поддржи една ваква иницијатива и да ја додели локацијата.
 
Честитки и за Град Скопје и за нивната поддршка за придобивката која ја добива градот со една ваква хуманизирана градска населба.
 
Им честитам на сите останати кои на било кој начин ја поддржуваат оваа иницијатива и убеден сум дека таа претставува инспирација за уште многу нови.
 
Благодарам за можноста да се обратам и ви посакувам успешна реализација на инвестицијата“.