Промовиран проектот „Е-агро берза преку СМС“

Од средината на април ќе почне реализацијата на пилот проектот „Е-агро берза преку СМС“ кој што ќе овозможи поголема конкурентност на пазарот на тргување со земјоделски култури и достигнување на повисока цена на производот.

Проектот се спроведува во соработка со компанијата „Ериксон“ и со него во почетокот ќе бидат опфатени 100 фармери и 10 големи откупувачи на земјоделски производи. Системот ќе функционира така што на одреден број ќе се праќа СМС порака по што откупувачите ќе можат да видат кој производ и во колкави количини се нуди, а потоа да испратат кратка порака. Оној што ќе ја понуди највисоката цена ќе добие сигнал како да склучи договор.

- Со овој проект откупувачите и фармерите ќе можат да комуницираат преку СМС пораки, но тоа не значи дека завршната цена и договорот којшто ќе се склучи меѓу откупувачот и фармерот не е реален. Тоа ќе биде реален систем  кој ќе им овозможи на откупувачите побрзо да доаѓаат до информации по која цена фармерите ги нудат своите производи, а исто така и фармерите без разлика каде се наоѓаат во државата побрзо ќе добијаат информации кои откупувачи нудат повисока цена за нивните производи, нагласи министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на денешната промоција на новиот пилот проект.

Со ова, додаде Ивановски, како држава уште еднаш ќе докажеме дека сме лидери во регионот за применување на најсовремените информатички и комуникациски технологии и за креирање на подобра економија.

Според потпретседателот на „Ериксон“ Лене Вајдлмен, проектот Е - агроберза им нуди можност на фармерите на поефикасен начин да ги продадат своите производи преку СМС пораки со кои ќе добијат информации за тоа каде да ги понудат и од кој откупувач ќе добијат подобра цена.

- Од она што го увидовме од досегашното искуство на фармерите каде е применет проектот е дека тие заштедуваат време со тоа што не ги транспортираат производите на пазарите каде нема побарувачка за нивниот вид на производ или каде нема да ја добијат најдобрата цена така што се добива поголема ефективност и на страната на фармерите, но и на страната на откупувачите, истакна Вајдлмен.  

Во зависност од успехот на пилот проектот, Министерството за информатичко општество и администрација во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе работи на надградба на системот со цел во иднина да може да го користат сите земјоделци и откупувачи на земјоделски производи.

Македонија е втора држава по Индија каде „Ериксон“ спроведува ваков проект. За реализација на пилот - фазата на проектот, Владата на Република Македонија има потпишано Меморандум за разбирање со „Ериксон“.