Владата на Република Северна Македонија денеска одржа свечена седница посветена на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор.
Во своето обраќање на седницата премиерот Заев потенцираше дека оваа значајна годишнина оваа година се совпаѓа и со 30 годишнината од независноста на нашата земја, со 80 годишнината од народното востание и 20 годишнината од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација како наш прв чекор во остварувањето на нашата заедничка цел за членство во Европската Унија.
Премиерот потсети дека една од првите приоритети на листата на новоформираната Влада во 2017 година беше заокружувањето на нормативниот дел којшто произлегуваше од Охридскиот рамковен договор и од Амандманот 5 од Уставот на Република Северна Македонија.
„Тогашната Влада, во која министри беа и поголем дел од овој, актуелен состав на извршната власт, ја исполни обврската која непотребно се одолговлекуваше од сите претходни влади, и го донесе Законот за употребата на јазиците. Со Законот за употреба на јазиците, како и со сите останати законски измени и подзаконски акти за правична застапеност, се заокружија одредбите од Охридскиот рамковен договор, кој беше потпишан на 13 август во 2001 година и со кој се стави крај на конфликтот и кој беше прифатен како гаранција дека сите прашања од интерес на заедниците во нашата земја ќе се решаваат низ дијалог и низ институциите“, истакна премиерот Заев.
Претседателот на Владата нагласи дека Охридскиот рамковен договор стави крај на конфликт кој со себе понесе и жртви, и кој спречи нашата заедничка татковина да стане место на продолжен конфликт и на општество без надеж за мирен живот.
„Во моменти кога соживотот и меѓуетничката толеранција беа ставени на најголемиот тест, покажавме дека ние проблемите ќе ги решаваме низ институционалниот систем и никако поинаку. Покажавме дека сакаме да живееме сложно и обединетo, да напредуваме сите заедно. И сето тоа беше постигнато во тесно партнерство со Европската Унија, Соединетите Американски Држави, НАТО и ОБСЕ. Денес тоа е и нивна успешна историја што заеднички ја одбележуваме“, рече Заев.
Со Охридскиот рамковен договор, додаде Заев, нашата држава е постабилна и побезбедна, со загарантирана меѓуетничка толеранција и посилна социјална кохезија. Заедно се развиваме како држава во која шансите за благосостојба се еднакви за сите, како членка на НАТО и идна членка на ЕУ.
„Се определивме за политики што ја градат Република Северна Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници. Прифативме дека Македонците, како мнозински народ во нашата земја, имаат одговорност да креираат политики и атмосфера за негување, заштита и унапредување, афирмација и поддршка на употребата на сите останати јазици на припадниците на граѓаните кои живеат во нашата земја“, потенцираше премиерот Заев.
„Нашата определба да градиме и негуваме општество еднакво за сите, нашата цел да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики - е посебноста и суштината на нашето заедништво.
Тоа заедништво што се градеше со векови, за нас претставува обврска за нашата заедничка иднина“, истакна премиерот Заев.
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби во своето обраќање истакна дека одбележуваме годишнина на еден значаен документ кој што донесе мир, го промени уставот и општеството и ни ги отвори евроатлантските перспективи.
Првиот вицепремиер Груби информираше дека, во организацијата на Владата со оваа свечена седница започнуваат низата настани со кои ќе се одбележува 20 годишнината од Охридскиот рамковен договор под слоганот „По Охрид“.
По серијата активности во повеќе градови во кои ќе бидат вклучени повеќе институции, централниот настан ќе се одржи на 13 август, на денот кога беше потпишан Охридскиот рамковен договор.
На тој настан, организиран во соработка со Универзитетот Колумбија од Њујорк е потврдено учеството на државниот врв, но и на пријателите од меѓународната заедница, и на протагонистите кои учествуваа во процесот на постигнување на Охридскиот рамковен договор како што се Питер Фејт, Дејвид Слин, Роберт Сери, Бренда Пирсон, Пол Вилиамс, Дејвид Филипс, и други.
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби уште информираше дека во соработка со консултантите ангажирани од ЕУ, кои што работат на реорганизацијата на државната управа, подготвен е модерен предлог закон за работата на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците кое ќе биде надградено во мало, ефективно министерство кое што ќе се грижи за правата на сите заедници, не само етнички, туку на и на сите други.
На предлог на првиот заменик-претседател Артан Груби Владата на оваа свечена седница ги усвои заклучоците според кои Владата на Република Северна Македонија констатира дека нормативниот дел на Охридскиот рамковен договор е усвоен од страна на институциите на Северна Македонија и спроведувањето на законските одредби е постојан секојдневен процес кој што се одвива непречено.
Заклучок од оваа седница на Владата е дека Охридскиот рамковен договор придонесе кон зголемување на кохезивно општество, еднакво и едно општество за сите граѓани и заедници како и за интеграцијата на Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ.
На оваа седница Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Програмата за одбележување на манифестацијата за 20 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.