Првите луѓе на најголемите ИТ компании во светот на конференција во Охрид

Информациските технологии се основата  на модерниот развој. Ги развиваат нашите можности, помагаат во општиот развој и достапноста до информациите, ги скратуваат трошоците во средства и време и овозможуваат градење свет со потенцијал и креација. Тие се битни за демократијата, слободата, бизнисот и за секоја општествена сфера или едноставно, ни помагаат како заедница да го смениме светот на подобро.

Тоа го истакна премиерот Никола Груевски во обраќањето пред учесниците на 5. Состанок на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој што од денеска се одржува во Охрид.

Развојот на информатичките и комуникациските технологии,  посочи премиерот Груевски,  се наоѓа во листата со приоритети на  Владата на Република Македонија. Утврдувањето такви амбициозни цели паралелно, според Груевски, го следи и нивна успешна реализација, за што е формирано и Министерство за информатичко општество.

- Во 2006 година само еден процент од домаќинствата во Македонија користеа широкопојасен интернет, додека на крајот на минатата година имавме речиси 46,35 отсто корисници на фиксен широкопојасен интернет по домаќинство, истакна Груевски потсетувајќи и на проектите на Владата „Компјутер за секој ученик“, „Е-влада“, дигитализацијата...

Наша цел  е да работиме на развојот, затоа што тоа е наша обврска кон граѓаните, компаниите и кон нашата земја, а развојот дефинитвно ќе биде забрзан со употребата на ИК технологиите, тоа е факт. Резултатите се постигнуваат со работа, а нашата интенција за дејство на ова поле е суштинска и стратегиска, додаде премиерот Груевски.

Мексиканскиот бизнисмен Карлос Слим, како копреседавач со Комисијата пред учесниците ги истакна појдовните заложби утврдени од формирањето на ова тело за промоција на широкопојасниот интерент како базична инфраструктура за остварување на целите на Светската агенда за развој 2015.

- Денешната средба овде во Македонија е добра можност да се увериме како таа агенда се  спроведува на регионален контекст, рече Слим.

Го потенцираше влијанието на широкопојасниот интернет и новите технологии за развојот на малите и средните претпријатија и бизниси, како двигатели на светскиот економски развој и уште поважно, во отварањето нови работни места. 

Според Слим, широкопојасниот интернет во значајна мера им помага на тие бизниси во подобрување на продуктивноста, овозможува проширување на дејностите и им отвара нови пазари. Иако тоа е светски тренд, забележа, се уште постојат држави во кои ограничениот пристап до широкопојасниот интернет претставува отворена пречка за нивниот развој.

Токму промовирањето на широкопојасниот интернет како светска агенда ќе им помогне на малите и средните претпријатија да отворат нови работни места, да ги прошират своите производни активности и услуги, да донесат нови иновации и конечно, да ја постават основата за идните бизниси кои ќе бидат носители на светскиот економски развој, порача Слим.

Работниот дел од состанокот на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој го отвори претседателот на Уганда, копреседавачот Пол Кагаме.

- Убедени сме во големите можности што ги нуди широкопојасниот интернет, како стабилна основа за успешен и одржлив економски развој. Нашите активности сега треба да ги насочиме понатаму кон вклучување на сите глобални играчи, за да се осигураме таквите придобивки да не бидат маргинализирани или единствено препуштени на голата борба за профит, рече Кагаме.

Престојниот Самит на ОН посветен на одржливиот светски развој, според Кагаме, претставува можност за Комисијата да работи на мобилизација на светското лидерство за поголема достапност и раширеност во светски рамки и на тој начин кон исполнувањена целите на Самитот, односно развојната агенда  2015. 

- Тука, пред се, мислам на потребата од изнаоѓање и утврдување нови повисоки форми на соработка, и тоа во сите области од животот, од здравството, образованието, земјоделството, енергетиката, се до заштитата на животната средина, рече Кагаме.

Состанокот на Комисијата за шриокопојасен интернет и дигитален развој продолжува со работен дел зад затворени врати, а заклучоците од средбата ќе бидат соопштени во поледневните часови.

На состанокот во Охрид што  првпат надвор од вообичаената практика на Комисијата да заседава во канцелариите на ОН во Женева, Париз или Њујорк присуствуваат  и извршните директори на најголемите светски компаниии кои се двигатели на информатичкото општество како „Интел“ „Ериксон“, „Телефоника“, „Циско“, „Алкател лусент“, „Хуавеј“ и многу други.