Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и претседателот на Владата на Република Албанија Еди Рама, како завршница на Економскиот форум за регионална соработка во рамките на „Отворен Балкан“ одржаа прес-конференција.
Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев на прес-конференцијата во целост:
„Денеска, тука во Скопје, отворивме нови перспективи за нашите држави, за нашите народи, за нашите економии и за нашите општества.
Нашите народи, македонскиот народ, албанскиот народ и српскиот народ, пред себе имаат ист пат. Имаме иста визија и исти вредности. Тоа се европските вредности. Одиме по истиот пат, заедно, напред, поврзани.
Балканот доволно долго беше опкружен со ѕидови. Наместо ѕидови денеска изградивме нови мостови.
Сакам силно да ја изразам поддршката што за ова ново и силно регионално поврзување ја добиваме од деловните заедници на нашите три земји, како и на гостите од бизнис заедниците на другите земји од Западен Балкан и од поширокиот регион и од повеќе земји од Европа и светот.
Претставниците на повеќе од 400 компании учесници на форумот се капиталот на оваа иницијатива. Нивните дискусии, дебати, предлози и проекти што тука ги афирмираа и ги здружија, сведочат дека иницијативата Отворен Балкан е платформата која му е потребна на регионот. Денеска овде се одржуваат стотици билатерални средби помеѓу компаниите од овој наш регион.
Со претседателот Александар Вучиќ и премиерот Еди Рама потпишавме еден договор и два меморандуми за соработка.
Договорот за заедничко делување во заштитата од катастрофи, помагање и ублажување на тие последици е наша основа и механизам за брза реакција секогаш кога тоа ќе биде потребно.
Солидарноста ние веќе ја покажавме на дело во неколку наврати, но сега имаме и формален инструмент за уште побрз и поефикасен одговор доколку тоа биде потребно.
Со Меморандумот за соработка за брз проток на стоки значително го олеснуваме увозот, извозот и транзитот на стоки, ги тргаме пречките во меѓусебната прекугранична трговија, заради напредок на економската соработка и за зголемување на обемот на меѓусебна трговска размена.
Со Меморандумот за соработка за работни дозволи имаме за цел да овозможиме либерализација на пазарот на работна сила и да им овозможиме на нашите граѓани да можат да работат во овие три земји, исто како дома!
И тука не запираме. Синоќа се договоривме, на почетокот на ноември ќе се сретнеме на нови работни средби во Белград, кон крајот на годината во Тирана, а во меѓувреме ќе ги задолжиме ресорните министри да обезбедат итна реализација на договореното и да развиваат нови проекти за олеснување на животот на нашите народи. И час поскоро, нашите граѓани од Отворен Балкан да осетат конкретни економски бенефити – без разлика дали тоа ќе биде поевтин одмор во Саранда, Преспа или Копаоник или пак побрз проток на стоките кои фирмите треба да ги увезат или извезат.
Синоќа разговаравме и за тоа дека покрај овој Економски форум, ќе започнеме и организација на регионален саем на вина и други производи кои се произведуваат во нашиот Отворен Балкан, како и тоа дека ќе организираме младински регионални спортски и друг тип натпревари за да обезбедиме поврзување денес, за подобро утре.
Почитувани, Отворен Балкан оди напред - соработката ќе ја прошириме и на многу други полиња, од заеднички интерес, важни за нашите држави, за нашите граѓани и општества.“