Како завршница на Економскиот форум во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Владата на Република Албанија, Еди Рама, одржаа прес-конференција на која одговараа на прашањата на акредитираните новинари за придобивките од новите акциски проекти за регионална соработка и поврзување на регионот.
Во своето обраќање премиерот Заев истакна дека во Скопје се отворија нови перспективи за нашите држави, за нашите народи, за нашите економии и за нашите општества. Наместо ѕидови, потенцираше Заев, денеска изградивме нови мостови и изрази благодарност за поддршката што новото и силно регионално поврзување ја доби од деловните заедници на трите земји и од поширокиот регион и од повеќе земји од Европа и светот.
„Претставниците на повеќе од 400 компании учесници на форумот се капиталот на оваа иницијатива. Нивните дискусии, дебати, предлози и проекти што тука ги афирмираа и ги здружија, сведочат дека иницијативата „Отворен Балкан“ е платформата која му е потребна на регионот“, нагласи премиерот Заев.
Тој додаде дека иницијативата продолжува на нови работни средби во Белград, кон крајот на годината во Тирана, а во меѓувреме ресорните министри ќе започнат итна реализација на договореното и ќе развиваат нови проекти за олеснување на животот на нашите народи.
„Час поскоро, нашите граѓани од Отворен Балкан да осетат конкретни економски бенефити – без разлика дали тоа ќе биде поевтин одмор во Саранда, Преспа или Копаоник или пак побрз проток на стоките кои фирмите треба да ги увезат или извезат. Ќе започнеме и организација на регионални саеми на вина и други производи кои се произведуваат во нашиот Отворен Балкан, како и тоа дека ќе организираме младински регионални спортски и друг тип натпревари за да обезбедиме поврзување денес, за подобро утре“, порача премиерот Заев.
Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ на прес-конференцијата повтори дека станува збор за фантастична идеја, извонредна визија и дека почнуваат процеси за отворање на границите како историско остварување на регионот.
Ова не е иницијатива за нас политичарите, ова е иницијатива на сите граѓани од регионот, истакна претседателот Вучиќ.
Премиерот на Албанија Еди Рама потсети дека во 2019 година за време на земјотресот во неговата земја се активираа механизмите за спасување и во Србија и во Северна Македонија и во тој трагичен момент стана јасно колку е битно да не се чувствувате сами и колку е вредно кога урнатините под кои има стотици луѓе заеднички работат обединети единици за спасување од регионот.
Тоа е само една конкретна придобивка од нашата иницијатива, а за сите останати придобивки се отворени вратите и за сите други земји од регионот, истакнаа тројцата лидери.