Мартоњи: Македонија и земјите од регионот што побргу во ЕУ и НАТО

Унгарија денеска уште еднаш ја потврди поддршката за интеграцијата на Република Македонија во НАТО и Европската унија. Шефот на унгарската дипломатија Јанош Мартоњи, кој престојува во официјална посета на Македонија по средбата со неговиот македонски колега Никола Попоски, изјави дека стратешка цел на Унгарија е да се комплетира што поскоро евроинтеграцијата на земјите од регионот.

- За нас е многу важно овој интегративен процес да продолжи и порано или подоцна сите земји кои припаѓаат на Западен Балкан да станат интегративен дел на обединета Европа. Целосно  го поддржуваме почнувањето на пристапните преговори со Европската унија за што Европската комисија веќе во три наврати даде таков конкретен предлог и посакуваме тоа што поскоро да се случи. За почнување на преговорите е неопходна едногласност, а таа може да се постигне ако отвореното прашање во врска со името се реши, нагласи Мартоњи.

Прашан дали Унгарија е подготвена на претстојниот самит на НАТО во Чикаго да го отвори прашањето за зачленувањето на Македонија во Алијансата, шефот на унгарската дипломатија рече дека тоа прашање не е на дневен ред на самитот.

- Во поглед на придружувањето кон НАТО, ставот на Унгарската влада е потполно ист како и за придружувањето кон Европската унија. Ситуацијата е слична по двете прашања, и зависи од постигнувањето консензус. Во поглед на решавањето на прашањето за името не би сакале да се мешаме, но лично сум убеден дека логично е двете страни наскоро да постигнат обострано прифатливо решение, рече Мартоњи.

Двајцата министри оценија дека е важно почнувањето на дијалогот на високо ниво што започна на 15 март меѓу Македонија и Европската унија и оти доколку тој успешно се одвива значително ќе го скрати траењето на формалните преговори за членство на Македонија во ЕУ.

- Од особено значење е фактот што го почнавме предпристапниот дијалог на високо ниво. Се работи за одлична можност континуирано да ги остваруваме реформите коишто се значајни за нашето членство во ЕУ и кој се надеваме дека ќе ни овозможи да го скратиме периодот за официјалното почнување на преговорите, рече министерот Попоски, додавајќи дека стратешките приоритети за постигнување на членството во НАТО и ЕУ се од највисока важност за Македонија.

Заеднички став на Македонија и на Унгарија, посочи Попоски, е целиот регион да биде интегриран во НАТО и ЕУ, а соработката да се базира на принципите и вредностите кои владеат во неа.

- Оттука очекуваме и текот на нашата интеграција да биде логичен и да го задржи кредибилитетот со тоа што ќе можеме да ги споделиме бенефитите од членството заедно со сите останати земји од регионот, рече Попоски.

Двајцата министри констатираа дека билатералните односи се развиваат во вистински правец за што потврда се и средбите на највисоко ниво во изминатиот период. Политичката и економската соработка се на високо ниво, но постојат уште можности за соработка пред се во трговијата, меѓународната соработка, заедничкиот развој на регионалната инфраструктура, културата...

Попоски и Мартоњи денеска потпишаа и заедничката декларација за соработка меѓу двете министерства за надворешни работи во процесот на пристапување на Република Македонија во ЕУ.

Покрај средбата со Попоски, Мартоњи ќе биде примен и од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, од премиерот Никола Груевски, како и од заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Теута Арифи.