Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија Душко Арсовски и Мухамед Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 99-та седница на Владата.
Портпаролите посочија дека главен фокус е ставен на заштита на здравјето на населението поради тенденцијата на раст на заболените од КОВИД-19, кои согласно последните податоци од Министерството изнесува речиси 7.000 активни случаи.
На прес-конференцијата портпаролите информираа дека согласно препораките од Комисијата за заразни болести, Владата ги донесе најновите мерки, протоколи и препораки за заштита на здравјето на населението, кои стапуваат во сила од денеска.
Согласно препораките, Владата донесе одлука без разлика на капацитетот, дали е голем или мал, за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, ресторани, обложувалници и казина, како и за влез на концерти, свадби, спортски настани и воопшто за сите организирани настани на отворено, но и за влез во трговски центри кои се затворени, задолжително треба да се покаже:
- сертификат за вакцинација, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест КОВИД–19, или
- потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето за лица над 18-годишна возраст.
Во сите угостителски објекти опфатени со оваа мерка каде капацитетот е поголем од 30 гости, задолжителнo e воспоставување редарска служба за контрола и спроведување на мерката. А за оние со помал капацитет под 30 гости контролата е должност на редовно вработените лица во угостителскиот објект.
Останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30% од капацитетот,
Од 1 септември 2021 година домашни и странски државјани ќе можат да влезат на територијата на Република Северна Македонија доколку претходно на граничниот премин приложат:
- сертификат за извршена целосна имунизација (со две дози на вакцина против заразната болест КОВИД-19);
- сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето; или
- медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, направен 72 часа пред влез на територијата на Република Северна Македонија.
За нашите граѓани кои ќе се враќаат во земјата по 1 септември, а немаат ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан КОВИД-19, ќе се одреди мерка карантин од седум дена домашна изолација.
Владата исто така донесе одлука учебната 2021/2022 година да започне со физичко присуство, со полн капацитет, според утврдените и донесени протоколи.
Портпаролите информираа дека исклучоци од оваа одлука може да се однесуваат на деца со ретки болести или попречености, деца кои доаѓаат од семејства со хронично болни, по барање на родителите, како и други немедицински причини со дозвола на училиштето.
Портпаролите соопштија дека Владата на последната седница донесе и Одлука за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје од V категорија.
Со оваа одлука се овозможува зачувување на автентичната состојба на природата преку заштита на природните и други вредности, спречување на дејствија што можат да предизвикаат нарушување на природната рамнотежа на екосистемите, создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност и природното наследство и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на видовите и нивната природна рамнотежа.
Тие посочија дека Владата го усвои и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија со кој се намалува бројот на членови во управните и надзорните одбори во јавните претпријатија, како една од мерките од Планот за борба против корупцијата.
Дополнително со измените и дополнувањата, се регулира постапката за избор на членовите на управни и надзорни одбори и висината на надоместокот.
Информирајќи за други теми од интерес на јавноста портпаролите посочија дека најголем дел од 450-те граѓани од Авганистан се очекува да пристигнат со организирани авионски летови до крајот на неделава, зависно од околностите на аеродромот во Кабул. Станува збор за демократско, мирољубиво население, вработени и жени и деца од семејства на оние кои работеле за хуманитарните и миротворните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија.
Тие нагласија дека Северна Македонија беше меѓу првите, ако не и прва која сама пристапи на САД и понуди помош за овие луѓе кои се под опасност од доаѓањето на талибанскиот режим во Авганистан.
Воедно истакнаа дека не постои ризик од мигрантска криза, ниту оваа хуманитарна операција треба да се поврзува со прифатниот центар за странци или мигрантските кампови на северната и јужната граница. Северна Македонија е дел од голема светска хуманитарна акција.
Исто така посочија дека трошоците за нивното сместување во неколку хотели и мотели во земјава ќе бидат во целост покриени од меѓународните организации и од САД, сѐ до нивното заминување кон САД или до трети земји како нивна крајна дестинација.