Делегација на Владата на Република Северна Македонија составена од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, по повод 18 август - Денот на Армијата на Република Северна Македонија, положи венци свежо цвеќе на партизанските гробишта во Бутел, и на гробовите на генерал Михајло Апостолски и на починатите претседатели на државата и врховни команданти на армијата Киро Глигоров и Борис Трајковски.
На денешен ден, во 1943 година на Славеј планина е формиран првиот партизански одред баталјонот „Мирче Ацев“, кој подоцна во Народно ослободителната војна (НОВ) прерасна во војска кој ја ослободи територијата на нашата држава, пожртвувано оставајќи печат вграден во темелите и независноста на нашата татковина.
Денеска, 78 години подоцна, Армијата на Република Северна Македонија на највисоко професионално ниво, заедно со останатите сојузнички војници на земјите-членки на НАТО, дејствува согласно стандардите на Алијансата, учествува во меѓународни мировни мисии и го дава својот придонес во зачувувањето на глобалниот мир и безбедност.