Премиерот Груевски оствари повеќе билатерални средби на маргините на состанокот на Комисијата за широкопојасен интернет

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (понеделник, 2 април 2012 година) на маргините на состанокот на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој што се одржа во Охрид, оствари неколку средби со претставници на реномирани меѓународни компании и организации.

На средбата со д-р Хамадун Туре, генерален секретар на Меѓународната телекомуникациска унија, стана збор за успешната реализација на денешниот состанок на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој, при што посебен осврт беше ставен на активностите што ги презема Македонија на полето на примена на информатичките технологии и широкопојасниот интернет како двигател на економскиот и општествениот развој.

Претседателот на Владата оствари средба и со г-дин Џон Дејвис, потпретседател на Интел, на која стана збор за взаемната соработка на Република Македонија и Интел на полето на примената на апликативните софтвери во образовниот процес, како и за можни идни заеднички активности за поддршка на талентираните ученици кои имаат посебен интерес за креирање иновации преку информатичките технологии.

На средбата со г-дин Џанкарло Иночензи Боти, директор на италијанската агенција за привлекување инвестиции Инвиталиа, се разговараше и беа разменети мислења во врска со искуствата во однос на привлекувањето странски инвестиции во двете земји.

Беше остварена и средба со Бруно Ланвин, автор на Глобалниот индекс за иновативност, на која се разговараше околу можностите за негово стручно ангажирање од страна на Владата во процесите на креирање политики за поттикнување на развојот на претприемништвото и иновациите.