Тодоров: Законска измена за навремена набавка на лекови и медицински матријал во ЈЗУ

Во Македонија повеќе години пациентите се принудувани од здравствените установи да набавуваат лекови и медицински материјал и да ги донесат во ЈЗУ заради нивно лекување. Имајќи го предвид овој проблем, во новиот Закон за здравствена заштита е предвидена одредба со која ресорниот министер доколку утврди дека во некоја ЈЗУ има недостиг на лекови и медицински материјал кои пациентите мора сами да ги набават, ќе го опомене директорот и ќе му даде рок од 15 дена да почне процедура за нивна јавна набавка.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека ако во овој рок од 15 дена не се покрене постапка, не биде известено Министерството, тогаш тој ќе му даде дополнителен рок од 15 дена да го објави тендерот, а ако и во овој рок не го објави тендерот, по сила на закон ќе го разреши директорот на ЈЗУ.

- Тоа е една појава која негативно се одразува на целиот здравствен систем бидејќи прво пациентите се принудени да платат за нешто што е вклучено во нивното здравствено осигурување и за кое не треба да одвојат дополнителни средства. Имајќи го предвид ова нивно право, потоа тие средства ни се јавуваат како барање за рефундација од страна на Фондот за здравствено осигурување кој сите рефундации кои ќе ги исплати на граѓаните ги одбива од буџетите на ЈЗУ во кои е направена рефундацијата, посочи Тодоров.

За една година по основ на рефундации, рече тој, од ФЗОМ се трошат околу 150 милиони денари, што е огромна сума средства кои граѓаните треба да ги одвојат за да купат лекови и медицински потрошен материјал, а потоа ги бараат како рефундации од ФЗОМ.

- Оваа сума се одбива од буџетите на ЈЗУ. Најнеславни во ова се клиниките за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар со околу околу 60 милиони денари рефундации, потоа следи Новата градска болница „8 Септември“ со околу осум милиони денари, Клиниката за очни болести со четири милиони итн., појасни Тодоров.

Тој укажа дека на овој начин се намалува и буџетот на ЈЗУ бидејќи, како што рече, кога тие би ги набавиле овие лекови и медицински потрошен материјал на тендер би добиле поевтина цена од онаа ние сме принудени како систем да ги рефундираме овие средства, имајќи предвид дека ги рефундираме по малопродажна цена, а потоа се одбиваат од буџетите на ЈЗУ исто така по малопродажна цена.

- Тоа значи дека ЈЗУ губи повеќе средства отколку што потрошила доколку објави тендер. Одлучивме да подготвиме постери кои ќе бидат прикачени на најмалку 10 места во секоја ЈЗУ на кои ќе им се дава информација на граѓаните за оваа нова законска измена и ќе се апелира до нив доколку се соочат со ваква ситуација да треба да купат лекови и медицински потрошен материјал веднаш да се обратат кај директорот на ЈЗУ. Се случува лековите и медицинскиот потрошен материјал да се набавени и да ги има, а некои од докторите и покрај тоа бараат од пациентите да ги набават, посочи Тодоров.

Доколку и покрај известувањето на директорот, истакна тој, повторно треба да го стори истото, пациентот треба да го извести Министерството на бесплатниот телефон 15144.

- Упативме укажување до директорите на сите ЈЗУ за оваа нова законска измена и обрнавме внимание за последиците од нејзино непочитување. Овие нови законски измени ќе овозможат да се спречи и да се намали оваа ситуација која подолг период ја има во македонскиот здравствен систем. Им укажавме на ЈЗУ дека оваа информација ја проследивме до ФЗОМ и побаравме секогаш кога ќе изврши рефундација веднаш да го извести Министерството за ние да преземе мерки, додаде Тодоров.