Редовна седница на Комитетот за претприемништво и иновации

Во Владата на Република Македонија денеска (среда, 4 април 2012 година) се одржа редовна седница на Комитетот за претприемништво и иновации со која претседаваше претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски.

Денешната седница на Комитетот за претприемништво и иновации беше специјално посветена на презентациите на двајца израелски експерти, д-р Ели Опер и д-р Јехошуа Глеитман, кои имаат богато искуство во сферата на иновациите и претприемништвото, при што своевремено биле ангажирани и како главни координатори за научни истражувања на Државата Израел.

Целта на нивните презентации беше да се претстават израелските политики и искуства во сферата на иновациите, истражувањето и развојот, со оглед на тоа што Израел важи за земја која е највисоко на скалата на најразвиени земји кои инвестираат во истражувања и развој.

Воедно, на состанокот се разговараше и за политиките и активностите што се превземаат од страна на Владата и владините институции во Република Македонија за поттикнување на процесите на развој на претприемништвото и иновациите, при што гостите даваа свои сугестии.

Во следниот период Комитетот за претприемништво и иновации ќе ја разгледа можноста за евентуален подолгорочен ангажман на некој од овие експерти, или некои други меѓународни експерти со кои веќе Комитетот има воспоставено контакт, со цел да се пренесат нивните искуства во процесите на креирање политики во сферата на претприемништвото и иновациите во Република Македонија.