МОН ќе го испитува мислењето на сите засегнати страни во образовниот процес

Министерството за образование и наука планира опсежен проект за да го испита мислењето на учениците, родителите и наставниците за образовниот процес.

Предмет на истражувањето нема да биде објективноста во оценувањето, туку различни аспекти за квалитетот на наставата - дали учениците се креативни на часовите или го повторуваат материјалот,  односот наставник - ученик - родител…

- Нема да се фокусираме на оценувањето, туку како размислуваат учениците за наставниците со кои секојдневно имаат интеракција, потоа нивното мислење за материјалите што се користат, условите итн. Истото е и за наставниците, зашто многу е битно и нивното мислење, како и на родителите кои индиректно се инволвирани во образованието. Идејата не е да санкционираме, туку е заради потребите на Министерството, изјави за медиумите министерот Панче Кралев, по промовирањето на акцијата „Садница плус“ во ОУ „11 Октомври“.

Сите засегнати страни може анонимно во јавност да ги презентираат размислувањата, за кои МОН можеби ќе отвори веб-портал. Според министерот, ќе може да се препознае тенденциозно напишана порака од конструктивна и корисна забелешка.

Засега тоа е иницијатива и дополнително ќе бидат дефинирани опфатот и  методологијата по која ќе се спроведува проектот.