Со електронска евиденција ќе се спречува склучувањето двојни договори за откуп на тутунот

Тутунарите од оваа година наместо бели картони ќе добиваат евидентни листови. Со оваа новина ќе се елиминира можноста од потпишување договори со повеќе откупни компании.

- Со електронско прибирање податоци ќе ги откриваме повеќекратно склучените откупни договори на тутунарите. За таа цел, наскоро ќе се инсталира посебена компјутерска програма со база на евидентирани податоци. Со нив за реколтата 2012 ќе се откриваат производителите кои склучиле двојни или тројни договори со откупните компании, велат во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Причината, додаваат, е досегашната практика што во голем дел ги нарушуваше плановите за откуп и договорите кои ги имаа фирмите со големите странски фирми за производство на цигари.

- Бидејќи воведувањето на евидентните картони е новина, Владата одлучи, на барање на земјоделците, да им помогне со поедноставување на постапката за пријавување на планираното производство на тутун. Со измените на Правилникот полесно ќе можат да докажат дека се одгледувачи на оваа култура. Тоа ќе може да го сторат со поседовен, односно имотен лист, на име на производителот на тутун или на неговите родители ако земјиштето е во нивна сопственост или со договор за закуп на површината на која го одгледуваат тутунот, објаснуваат во МЗШВ.

Владата изминативе години преку субвенциите издвојува значителна сума за финансиска поддршка на тутунопроизводството, а од оваа реколта ќе се вложат и дополнителни напори при откупот целосно да се почитуваат Законот за тутун и Правилникот за откуп од двете страни, и од производителите и од откупувачите.