Заев и Николовски ја промовираа кампањата „Сега сѐ е јавно – Корупцијата не се исплати“: Да им застанеме на патот на сите кои го корумпираат нашето општество

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и заменик-претседател на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, денеска ја промовираа кампањата за подигање на свесноста и за поддршка во борбата против корупцијата.

Премиерот Заев на промоцијата истакна дека под слоганот „Сега сѐ е јавно – Корупцијата не се исплати“ кампањата е од посебен јавен интерес и дел од широкиот фронт за борба против корупцијата, и произлегува од јасната политичката волја да се избориме за целосно искоренување на корупцијата.

„Кампањата е израз и на нашата постојана и гласно афирмирана заложба да им дадеме гласност и видливост на воспоставените јасни механизми за соработка меѓу сите институции за справување и спречување на корупцијата, и за охрабрување на граѓаните и медиумите да укажуваат и да зборуваат јавно и гласно“, нагласи премиерот Заев.

Кампањата има за цел да ги мобилизира граѓаните и државната администрација во обезбедувањето заштитни механизми и отпор кон корупцијата која го разорува општеството по сите основи.

Станува збор за интегрирана кампања, рече премиерот Заев, која ќе информира за заштитните механизми преку видео и аудио продукција, различни пи-ар активности, а како канали за комуникација со нејзините пораките земени се дигиталните платформи на социјални медиуми, домашните веб-портали, билбордите, а ќе биде креирана и посебна интерактивна веб-страница.

„На кампањата „Сега сѐ е јавно - Корупцијата не се исплати“ треба да се гледа како на уште еден придонес за синхронизирана комуникација и за остварување на приоритетите утврдени во Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025“, потенцираше претседателот на Владата Зоран Заев.

Тој истакна дека пораките на кампањата повикуваат на одговорност на секој што е повикан и му е дадена можноста да учествува во создавањето и развојот на ефективни, ефикасни и одговорни и транспарентни институции и да бидеме единствени и заедно во бескомпромисната борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа како наш заеднички влог за оправдување на довербата што ни ја дадоа граѓаните.

Заев ги повика граѓаните да се охрабрат и да ја пријавуваат корупцијата и како неприкосновениот и конечен владетел во нашата демократска земја да не се плашат од никого, а на функционери на сите нивоа им порача дека корупцијата не се исплати и дека последната дестинација на оние што го прават ова кривично дело е затворот и срамот пред заедницата.

Заменик-претседател на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски дополни дека станува збор за широка комуникациска кампања, со единствена цел- на највисоко ниво да се информира јавноста за штетноста на корупцијата во функционирањето на едно општество, за подигање на свеста кај секој граѓанин да ја препознае и да пријави корупција.

„Со кампањата ја праќаме пораката - дека оваа Влада е максимално заложена и одлучна, да води политика на транспарентност, која е основата на борбата против корупцијата. Крајно, транспарентна Влада значи создавање на услови за буквално секој граѓанин да гледа како функционира системот и притоа да ги има сите можности да ги детектира слабостите, пропустите и да алармира за недоследности“, нагласи заменик-претседателот во Владата Николовски.

Во своето обраќање тој образложи дека во видео спотовите на кампањата драматично е претставен мегафонот како симбол кој го зајакнува гласот, односно прави обидот за корупција да биде исклучително ризичен поради транспарентноста на процесите.

„Токму тие мегафони се симбол за сите алатки на транспарентност, кои им стојат на располагање на сите граѓани, во секое време. Како што вели и слоганот, „Сега сѐ е јавно“, така и мегафоните во спотовите, зајакнувајќи го гласот на разговорот и привлекувајќи внимание кај околните минувачи и затекнати поединци, прават транспарентноста да се сфати, како параметар кој треба да ги одврати од намерата за корупција“, потенцираше Николовски.

Како што кажа заменик-претседателот во Владата, со кампањата се праќа пораката дека оваа Влада е максимално заложена и одлучна, да води политика на транспарентност, која е основата на борбата против корупцијата. Крајно, транспарентна Влада значи создавање на услови за буквално секој граѓанин да гледа како функционира системот и притоа да ги има сите можности да ги детектира слабостите, пропустите и да алармира за недоследности.

„Транспарентноста, гласноста и свесноста се клучни за да се избориме со ова зло. Мора да сме информирани. Мора да сме храбри. Сега сѐ е јавно. Навистина, со сета таа транспарентност, корупцијата не се исплати“, истакна заменик-претседател на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски на промоцијата на кампањата „Сега сѐ е јавно – Корупцијата не се исплати“, најави дека наскоро ќе биде објавен систем за пријавување на корупција и за следење на сите предмети поврзани со ова кривично дело.


Заев на промоцијата на кампањата „Сега сѐ е јавно – Корупцијата не се исплати“: Да им застанеме на патот на сите кои го корумпираат нашето општество

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и заменик-претседател на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, денеска ја промовираа кампањата за подигање на свесноста и за поддршка во борбата против корупцијата.

Премиерот Заев на промоцијата истакна дека под слоганот „Сега сѐ е јавно – Корупцијата не се исплати“ е дел од широкиот фронт за борба против корупцијата, и произлегува од јасната политичката волја да се избориме за целосно искоренување на корупцијата.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев на промоцијата во целост:

„Во владината „Акција 21 - Европски стандарди дома“, којашто ја промовиравме на крајот на минатата година, во приоритетите беше ставена „Борбата против корупцијата“.

Рековме дека ќе донесеме конкретни мерки и политики за враќање на довербата во институциите, за општество ослободено од корупција. 

Денеска започнува спроведувањето на кампањата за подигање на свесноста и за поддршка во борбата против корупцијата.

Под слоганот: СЕГА СЀ Е ЈАВНО – КОРУПЦИЈАТА НЕ СЕ ИСПЛАТИ - оваа кампања, како дел од широкиот фронт за борба против корупцијата, е од посебен јавен интерес и произлегува од нашата јасна политичката волја да се избориме за целосно искоренување на корупцијата. 
Кампањата е израз и на нашата постојана и гласно афирмирана заложба да им дадеме гласност и видливост на воспоставените јасни механизми за соработка меѓу сите институции за справување и спречување на корупцијата, и за охрабрување на граѓаните и медиумите да укажуваат и да зборуваат јавно и гласно.

Оваа кампања има за цел да ги мобилизира граѓаните и државната администрација во обезбедувањето заштитни механизми и отпор кон корупцијата која може да го разорува општеството по сите основи.

Станува збор за интегрирана кампања која ќе информира за заштитните механизми преку видео и аудио продукција, различни пи-ар активности, а како канали за комуникација со нејзините пораки земени се дигиталните платформи на социјални медиуми, домашните веб портали, билбордите, а ќе биде креирана и посебна интерактивна веб страница.

При креирањето на кампањата се имплементирани укажувањата на сите извештаи за перцепцијата за корупцијата и врз основа на тие укажувања се земени сите елементи за креирање на главните пораки и за идентификување на целните групи.

Оваа кампања има за цел да покаже и дека Владата и граѓаните се на истата страна во борбата против корупцијата.

Не постои ситна или голема корупција. Ниту пак различен пристап во борбата со ситната и големата корупција. Пристапот е единствен: На корупцијата мора да ѝ ставиме крај. Без разлика од каде доаѓа и кои се нејзините димензии. 

Мора да им се застане на патот на сите кои го корумпираат нашето општество. А тоа го можеме само заедно!

На кампањата „Сега сѐ е јавно - Корупцијата не се исплати“ треба да се гледа како на уште еден придонес за синхронизирана комуникација и за остварување на приоритетите утврдени во „Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025“.

Како обврзувачки документ, државните институции во следните години треба да ги спроведат насоките и задолженијата од Стратегијата, која  е фокусирана на повеќе области и на ризик-фактори за корупција особено во делот на јавните набавки, транспарентноста на институциите, политичките влијанија, личниот интегритет, етичкото однесување, судството, инспекторатите, но и во делот на законодавството каде што постојат слабости и недоречености кои негативно се одразуваат во доследната борба против корупцијата.

Веќе се спроведени или се во тек повеќе активности предвидени со стратегијата. 

За прв пат, подготвивме и усвоивме План за борба против корупцијата, кој содржи системски мерки, за длабоки реформи во општеството за ефикасно справување со корупцијата. Планот се заснова на неколку клучни столбови – дигитализација, механизми за проверка на имот и капитал, конфискација на нелегално стекнат имот, транспарентност, подигање на свеста на граѓаните за пријавување корупција, високо ниво на интегритет и етички стандарди за носителите на јавни функции. 

Институциите веќе постапуваат по задолженијата, подготвуваат годишни антикорупциски програми, транспарентни процедури за јавни набавки, назначуваат лица за внатрешно пријавување.

Почитувани,
Сите феномени на корупција и поткуп, на сите нивоа, се една од нај подмолните закани за општеството и за сите граѓани во него.

Општеството, институциите, особено оние институции и поединци кои се најодговорни и најповикани, мораат да ги препознаат, спречат и казнат сите форми на корупција. Ако за тоа нема волја, или ако тие механизми се попречени на било кој начин, оваа општествена болест ќе ги опфати сите витални делови на заедницата и ќе го спречи нејзиниот развој.

Создаваме општество во кое постои еднаков пристап до правдата, ефикасно владеење на правото на сите нивоа, како и транспарентни, ефективни и одговорни институции.

Врз основа на искуството на нашето општество, и врз основа на препораките на напредниот свет, оваа кампања ќе биде придонес за удвојување на нашите напори за препознавање, спречување и решавање на коруптивните вируси што создаваат ситуации на раширена перцепција за корупцијата.

Пораките на кампањата повикуваат на одговорност на секој што е повикан и му е дадена можноста да учествува во создавањето и развојот на ефективни, ефикасни и одговорни и транспарентни институции и да бидеме единствени и заедно во бескомпромисната борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа како наш заеднички влог за оправдување на довербата што ни ја дадоа граѓаните.

Почитувани граѓани сега сѐ е јавно, пријавете корупција. Вие сте неприкосновениот и конечен владетел во нашата демократска земја. Немојте да се плашите од никого. 

Почитувани функционери на државно и локално ниво, во парламентарната, судската, извршната влас, вработени во јавниот сектор – корупцијата не се исплати. Во затвори завршуваат тие што така прават и остануваат засрамени пред своите деца и пред своите пријатели.“