Донаторска конференција за изградба на објекти за домување на Ромите


Општина Кочани и Владата на Република Македонија  денеска организираа донаторска конференција за подршка на проектот „Изградба на објекти за домување на граѓаните од ромската заедница“ во Кочани.
- Донаторската конференција е од особено значење за ромската популација од Кочани. Се работи за изградба на 12 објекти во локалитетот „Трајаново трло“ во кои ќе бидат сместени 48 ромски семејства. Општината ги обезбедува сите потребни материјални и технички услови и се надевам дека за три месеци ќе  започне изградбата на објектите, истакна Неждет Мустафа, министер без ресор во Владата, под чие покровителство се одржа донаторска конференеција.
 
Според градоначалникот на Кочани Ратко Димитровски, целта на конференцијата е да се обезбедат финансиски средства за изградба на објекти за домување, каде што ќе бидат сместени семејства на кои ќе им бидат обезбедени оптимални услови за живеење. На тој начин, појасни Димитровски,  би се решило прашањето за домување на семејствата од ромската заедница кои моментно живеат во супстандардни услови во старата касарана во Кочани. 

Амбасадорот на Словенија во Македонија Алан Бергант најави дека Република Словенија преку комората на македонско-словенечки претпријатија ќе се вклучи во решавањето на овој проблем со цел интеграција на ромската популација според европските закони.  - Утре одбележуваме 20 години од постоењето на Словенечката амбасада во Македонија и тоа ќе биде добар повод да најавиме дел и наше учество во проектот, рече Бергант.

И Германската амбасада во Република Македонија ќе даде свој придонес во решавање на проблемот со сместување на  48 ромски семејства од старата касарна во Кочани. Ќе ја следиме изградбата на нивните домови и ќе дадеме материјален придонес во  тоа, истакна Гудрун Штајнахер, амбасадор на Германија во Република Македонија. 

На донаторската конференција присуствуваа и претставници на амбасадите на Австрија и Соединетите американски држави како и од неколку мегународни невладини фондации и асоцијации.