Бизнис сертификација на општините за поголемо привлекување домашни и странски инвестиции

Бизнис сертификација на општините како гаранција дека нудат брзи, квалитетни административни услуги за деловната заедница и потенцијалните инвеститори предвидува проектот „Бизнис пријателска сертификација - Меѓународен печат за квалитет за бизнис пријателски општини“.

Проектот официјално стартува денеска со Меморандумот за соработка што го потпишаа Министерството за економија, Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Агенцијата за странски инвестиции и промоцијата на извозот на РМ. Ќе се спроведува во следните 18 месеци, а во првата фаза опфаќа четири општини, Струга, Велес, Штип и Струмица. 

- Проектот ќе им овозможи на општините да привлечат повеќе домашни и странски инвеститори пред се преку модернизирање на своите услуги. Со осовременувањето и создавањето шалтер на кој потенцијалните вложувачи ќе можат да ги добијат потребните информации за водење бизнис, единиците на локалната самоуправа многу лесно ќе се најдат на меѓународната мапа за привлекување инвестиции, рече министерот за економија Ваљон Сарачини пред потпишувањето на Меморандумот.

За да добијат бизнис сертификат, општините мора да исполнат минимум 12 услови меѓу кои создавање поволна бизнис клима и обезбедување соодветни услови согласно барањата на локалните компании и потенцијалните инститори. Потоа треба да ги одржуваат и подобруваат зашто сертификатот се обновува на секои две години.  

- Сертификатот е заложба за поефикасна и потранспарентна администрација што е особено важно за секој инвеститор, но воедно и потврда за подобрената општинска структура, како и за имплементираните стандарди. Тоа ќе ја зголеми конкурентноста на локалните бизниси, како и промоцијата на национално, регионално и меѓународно ниво. Инвеститорите не ќе мора  да бараат друга општина во соседството за вложување на својот капитал, напомена министерот.

Според претседателот на ЗЕЛС Коце Трајановски, локалниот економски развој е комплексен и мултидимензионален процес кој бара посебно внимание. Затоа е особено битна соработката на сите нивоа.

Проектот „Бизнис пријателска сертификација - Меѓународен печат за квалитет за бизнис пријателски општини“ веќе се спроведува во БиХ, Хрватска и Србија каде се сертифицирани 17 општини.

Во Македонија ќе го имплементира Сојузот на стопански комори со поддршка на Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа при Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) финансиран од Германското сојузно министерство за соработка и развој.