Би сакал да упатам благодарност до организаторите: Американско-грчката стопанска комора (АМЧАМ Грција) и Асоцијацијата за енергетска економија на Грција, како и на ко-организаторите на овој значаен форум, Амбасадата на САД и Атлантскиот совет, за упатената покана и можноста да бидам дел од овој панел на кој ќе зборуваме за значајноста на енергетското поврзување на земјите од нашиот регион.
Во последните неколку години ги поставивме енергетските политики во Република Северна Македонија на стабилни основи. Тие гарантираат безбедно и стабилно снабдување со енергенси, но и диверзификација при снабдувањето, кои се базирани на чиста-зелена енергија и кои ќе овозможат одржлив раст на економијата на нашата држава.
Нашиот нов Закон за енергетика е целосно усогласен со ЕУ регулативите, како и со Енергетската заедница, и овозможува реализација на новата Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година и Националниот план за клима и енергија, кој се чека на усвојување. За овие наши активности Енергетската заедница ги пофали нашите напори и посветеност за сето она што го направивме во енергетскиот сектор, бидејќи сме првата земја на Западен Балкан што го стори сето тоа.
Со оглед на моменталната ситуација со КОВИД-19 и нејзиниот ефект врз светската економија, направивме чекор понатаму и ги усогласивме сите планови што беа создадени за имплементација на овие документи со процесот на економското закрепнување од КОВИД-19 и „Европскиот зелен договор“.
Денеска, во рамките на овој форум се потпиша договорот помеѓу националните преносни компании за гас во Северна Македонија (НЕР) и во Грција (ДЕСФА), во кој се дефинирани условите за соработка и временската рамка за изградба на гасен интерконектор помеѓу двете земји. Тоа е еден од нашите клучни проекти. Изградбата на овој интерконектор за течен гас ќе отвори многу можности за нашата земја, со кои ќе имаме шанса да се позиционираме како регионален хаб за снабдување со гас на земјите во регионот на Југоисточна Европа, а за нашата национална економија ќе обезбедиме диверзифициран извори на енергенси и ќе ја поттикнеме конкурентноста.
Покрај инвестициите во интер-конекторот со Грција, планираме и поврзување со Косово, Србија и Албанија. Ова ќе го отвори хоризонтот за подобрување на регионалната соработка и конкурентноста на заедничкиот регионален пазар.
Конкурентноста на Југоисточна Европа со инвестициите во интерконектори се подобрува, а истите се многу важни и за иднината, за преносот на водород како иден извор на енергија.
На овој начин, сите ние заедно покажуваме дека инвестирањето денес во побезбедно, конкурентно, поевтино и поеколошко снабдување со енергија ќе значи инвестирање во нашата иднина. Како земја свесна за ова, ние сме целосно посветени и убедени дека целите поставени во ревидираните национални придонеси, што неодамна беа усвоени, ќе бидат целосно исполнети како што беше планирано. Во сите сектори до 2030 година планираме да намалиме 51% од емисиите на стакленички гасови, во споредба со нивото од 1990 година.
Покрај овој интерконетор за гас со Република Грција веќе потпишавме договор за соработка за изградба на гасниот терминал во Александрополи, каде Северна Македонија ќе поседува 10% од акциите на терминалот. Исто така, учествуваме во изградбата на гасната централа во близина на Александрополи, каде уделот на Северна Македонија е 25% од вкупната вредност. Докажавме дека е можно да се соработува, дека нема непремостлива препрека, преку дијалог, меѓусебно почитување, разбирање и соработка секој предизвик има решение, за тоа се доказ овие стратешки проекти кои се важни за целиот регион и истите се поддржани од нашите партнери ЕУ и НАТО.
Во оваа прилика би сакал да споменам дополнителен заеднички напор кој го покажува визионерскиот пристап на Северна Македонија и Република Грција каде геополитичките позиции се користат мудро за зголемување на конкурентноста и економската благосостојба на граѓаните во двете земји. Неодамна се согласивме дека во првиот квартал на 2022 година ќе биде воспоставен гасоводот за дистрибуција на рафинирана нафта помеѓу Солун и Скопје.
Сето ова, во однос на инвестициите е резултат на нашата Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година. Нашата посветеност кон „Зелената агенда“ предвидува имплементација на програмата „Праведна транзиција“, што предвидува премин од производство на енергија од конвенционални извори со користење на фосилни горива до производство на енергија од обновливи ресурси.
Среднорочното и долгорочното планирање на клучните инвестициони зафати во државата не се само флоскула, ниту техничка обврска за чекирање на дел од обврските кои ние како Влада ги имаме преземено, напротив, ние сме навистина посветени на имплементација на зацртаните планови, а потпишувањето на денешниот меморандум е само еден доказ дека нашата посветеност резултира со конкретни проекти.
Кога зборуваме за среднорочно и долгорочно планирање, оваа година Владата на Република Северна Македонија усвои еден значаен документ, тоа е Интервентниот план за инвестиции (ИПИ), со кој во еден среднорочен период, до 2027 година, предвидуваме реализација на инвестиции во вредност од 8,2 милијарди евра.
Во вкупните инвестиции, најголем обем, зафаќаат токму проекти од енергетиката, предвидени на ниво од 3,1 милијарди евра, со што го докажуваме нашиот фокус за транзиција кон зелена енергија, а понатаму следуваат 2,7 милијарди евра за патна и железничка инфраструктура, уште еден доказ дека сме посветени на градење на врски со соседите и овозможување на услови за поголема конкурентност и на Северна Македонија, но и на целиот регион на Западен Балкан.
Сето ова го правиме имајќи ја предвид нашата иднина, но мора да имаме на ум дека најдобрата политика во енергетиката не е онаа која има најголема корист според препораките на академската политика во далечна иднина. Тоа е онаа енергија што пристигнува кај луѓето и ги задоволува нивните потреби сега: чиста, достапна и дава удобност што граѓаните ја заслужуваат.
Затоа, мои пријатели, колеги, да продолжиме одовде со сите наши заеднички напори да создадеме подобра и побезбедна средина за нашите граѓани.