Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денес оствари средба со амбасадорот на Јапонија, Н.Е. г. Хиронари Савада, со кого разговараа за економската соработка помеѓу двете земји и потенцијалите за истата да се интензивира и понатаму.
Вицепремиерот Битиќи упати благодарност до јапонскиот амбасадор за поддршката која оваа земја ја дава за развојот на Република Северна Македонија и која е еден од најголемите билатерални донатори за реализација на конкретни програми и проекти, со средства од јапонскиот народ, кои се спроведуваат преку Јапонската агенција за меѓународна соработка ( JIKA ).
Битиќи и Савада посочија дека билатералните односи помеѓу двете земји се на завидно ниво, а се согласија дека постои голем потенцијал за унапредување на економската соработка.
За време на состанокот вицепремиерот посочи дека во процес е создавање на Национална развојна стратегија на Република Северна Македонија до 2041 година, која треба да отслика меѓугенерациски, родов, меѓуетнички, меѓупартиски и долгорочен консензус за приоритетите на државата, со цел да се обезбеди инклузивен, зелен и одржлив развој за сите, а особено за ранливите категории на луѓе.
Истакна дека економските политики на Владата се насочени кон привлекување на нови инвестиции на високо технолошко развиени компании, како што несомнено има и во Јапонија и дека целта на Владата е да се подигне конкурентноста на земјата и регионот на Западен Балкан, преку вклучување на компаниите во глобалните синџири на производствените компании. На состанокот е разговарано за унапредување на соработката и во инфраструктурата, енергетиката, транспортот, дигиталниот сектор и соработка помеѓу малите и средни компании од Република Северна Македонија и Јапонија.
Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Савада, се согласија дека во периодот кој следи ќе се посветат на реализација на заеднички економски проекти, со цел продлабочување на економската соработка помеѓу двете пријателски земји.