Заменик-претседателот на Владата Николовски и министерот Шаќири: Со новиот Електронски систем за поднесување и следење на пријави до брзи услуги за граѓаните и превенција од корупција

Денеска, заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, го промовираа новиот „Електронски систем за онлајн поднесување и следење на пријави“. Станува збор за систем со чиешто воспоставување се добива дигитален канал за пријава на поплаки поврзани со услугите кои ги дава јавната администрација со што се овозможува подобрување на ефикасноста на јавните институции и квалитетот на услугите. 

„Веќе од утре граѓаните непречено ќе можат да го користат и преку интернет да ги поднесуваат своите пријави коишто се поврзани со услугите кои ги дава администрацијата или со корупција. Овој систем е од огромно значење, затоа што со него ќе се овозможи ефикасно и ефективно водење на постапките за добивање на услугите, но и навремено постапување на институциите по барањата на граѓаните. Овој систем е уште една алатка што ќе ни помогне во бескомпромисната борба против корупцијата“, изјави вицепремиерот Николовски.

Електронскиот систем е имплементиран како посебен модул во рамки на Националниот портал за електронски услуги. Преку него граѓаните и правните лица ќе можат да испратат пријава за која било услуга до институција, како најавени корисници или анонимно со можност за евидентирање на поплаката или пријавата. Истото ќе можат да го сторат и преку телефон, за што ќе се воспостави повикувачки центар и ќе се отвори наменска телефонска линија. Телефонскиот број на којшто ќе може да се пријавува 02/3150-050 и истиот ќе биде јавно достапен.

„За таа цел МИОА како носител на Националниот Портал за е-услуги, преку кој граѓаните и правните лица имаат пристап и можат да остварат електронски услуги, постојано го дополнува со нови услуги. Поттикнати од пандемијата со КОВИД-19, целиот свет, па и нашата држава Северна Македонија повеќе од кога и да е, е решена на патот на забрзана дигитализација и зголемена примена на дигитални решенија, електронските услуги. Со нив се овозможува брз и лесен пристап до информации, како и остварување на јавните услуги по електронски пат, со што на граѓаните им се заштедува време кое во спротивно би го потрошиле чекајќи во редица пред шалтер“, рече министерот Шаќири.

Пријави и поплаки ќе може да се поднесуваат до сите институции кои што се наоѓаат во рамките на регистарот на институции во административната алатка, тоа се сите институции кои се во рамки на државната управа со исклучок на општините и правосудните органи. Системот опфаќа услуги кои ги нудат 83 институции, а поплаките се поднесуваат за тековно отворени барања за услуги пред институциите.
 
За да може да се мониторира, системот ќе генерира месечни извештаи за вкупен број на примени пријави/претставки и предлози, вкупен број на примени пријави/претставки и предлози по институција и област, вкупен број на пријави/претставки и предлози за кои е задоцнето постапувањето, како и колку од нив се прифатени, одбиени или препратени. Овие извештаи ќе бидат основа за соодветни анализи за предлагање на соодветни мерки и активности во конкретните области.
 
Електронскиот систем за онлајн поднесување и следење пријави е подготвен со финансиска поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.