„Туризмот во светски рамки беше една од најпогодените индустрии од пандемијата со КОВИД-19 во изминатите две години, но главниот фокус на Владата на Република Северна Македонија преку Министерството за економија како надлежна институција за развој на туризмот беше да се поддржи овој сектор со конкретни мерки и активности. Според сите показатели оваа година, ние ги постигнавме очекуваните резултати. Туристичката сезона беше успешна", кажа министерот за економија Крешник Бектеши на обраќањето по повод Светскиот ден на туризмот 27 септември, кој Министерството за економија традиционално го одбележува секоја година.
„Имајќи ги предвид бројките на туристи и ноќевања можеме да кажеме дека мерките кои се имплементирани дадоа видливи резултати. Според последните статистички податоци, во периодот јануари - јули 2021 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 56,6 %. Во истиот период регистрирани се скоро 320 илјади туристи во земјата кои што оствариле над еден милион ноќевања. Како главни проекти кои придонесоа за зголемување на бројот на туристи беа кампањите „Дома си е дома”, ваучерите за домашен туризам и „Безбедносниот печат” (safe travel stamp), кој беше наменет за странските туристи", изјави министерот Бектеши
Тој потсети дека исто така секторите туризам и угостителство и оваа година беа поддржани со директни грантови од страна на Владата се со цел надминување на оваа криза и опоравување на последиците од пандемијата.
„Можеме да резимираме дека имавме успешна сезона благодарение на политиките и мерките кои беа донесени од страна на Владата на Република Северна Македонија во консултација и соработка со приватниот сектор“, изјави Бектеши.
Министерот во својот говор го пренесе овогодишното мото на Светската туристичка организација за Светскиот ден на туризмот кое гласи „Tourism for inclusive growth- Туризам за инкузивен раст“ и потенцираше дека ова е можност да се погледне подалеку од статистиката за туризмот и да се признае дека, зад секоја бројка, стои човек.
„Затоа оваа година ние како Министерство за економија очекуваме од присутните претставници на Коморите и здруженијата конкретни предлози и мерки за инклузивен раст и развој на туризмот во нашата земја во пост-ковид периодот со цел надминување на сите предизвици“, заклучи министерот во своето обраќање.
Тој на сите претставници од туристичко-угостителскиот сектор во државата им го честиташе Светскиот ден на туризмот 27 септември им посака успешна работа и плодна година.