Заев од пресот со фон дер Лајен: ЕУ да го забрза процесот на проширување затоа што блокадата ги храбри противниците на европското единство и вредности

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен којашто е во еднодневна работна посета на нашата земја.
 
Премиерот Заев ја пречека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, придружувана од шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија амбасадорот Дејвид Гир по што беше одржана билатерална средба на којашто учествуваа и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
 
Премиерот Заев и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го посетија Младинскиот културен центар во Скопје, кој е реновиран со средства од Европската унија и ја разгледаа изложбата за придобивките од Младинската гаранција, проект кој во Северна Македонија се спроведува како единствена земја надвор од ЕУ и со која беа опфатени 60.000 млади лица со цел да се намали невработеноста кај оваа популација.
 
За време на посетата, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја најави испораката на првата транша од 2,6 милиони евра, од вкупно 15 милиони евра, за буџетска поддршка на нашата земја за политиките за младинско образование и вработување.
 
На прес-конференцијата одржана во завршницата на агендата на еднодневната посета на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на нашата земја, премиерот Заев истакна дека Република Северна Македонија останува силно посветена на својот пат кон ЕУ.
 
„Ние ги направивме сите потребни чекори и реформи и ќе ги направиме и дополнителните прифатливи за деблокирање на проширувањето на ЕУ. Се надеваме дека и земјите членки на ЕУ ќе ја реализираат декларацијата од Брдо-Крањ на словенечкото претседателство дека остануваат на заложбата за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан“, истакна премиерот Заев.
 
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на прес-конференцијата искажа пофални зборови за напорите што ги направи Северна Македонија за реформите поврзани со ЕУ.
 
„Направивте извонреден напредок и донесовте храбри одлуки. Вие испорачавте и сега ЕУ треба да испорача. Иднината на Северна Македонија ќе биде европска. Европската комисија цврсто стои на оваа определба“, нагласи претседателката на Европска комисија на прес-конференцијата со којашто ја заврши нејзината еднодневна работна посета на нашата земја. 


Во продолжение на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев на прес-конференцијата во целост:

„Денеска ѝ посакавме добредојде на нашата драга пријателка и силен поддржувач на Република Северна Македонија, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Неслучајно прес-конференцијата ја одржуваме овде – во Младинскиот културен центар. Врската меѓу младите и Европа е нераскинлива, исто како врската помеѓу младите тука и нашиот Младински културен центар. 

 Дозволете ми да се заблагодарам во името на граѓаните и особено во името на младите за поддршката на ЕУ за реновирање на овој објект, кој има многу посебно значење како култно место за многу генерации наши граѓани.

Заеднички ја разгледавме и изложбата за придобивките од Младинската гаранција. 

Проект кој во Северна Македонија многу успешно се спроведува како единствена земја надвор од ЕУ. 

Со него беа опфатени 60.000 млади лица со цел да се намали невработеноста.

Во рамките на оваа посета ќе го потпишеме и меморандумот со кој ЕУ на Република Северна Македонија и додели 2,6 милиони евра буџетска поддршка, која од почетокот на пандемијата изнесува околу 220 милиони евра. 

Сите овие содржини од посетата на претседателката Урсула фон дер Лајен говорат за интензивната динамика со која се остварува соработката со ЕУ на многу различни полиња.

На посетата на Младинскиот културен центар и претходеше средба во Владата на која разговаравме за актуелните фази во која се наоѓа Република Северна Македонија во процесот за членство во ЕУ, како и за реализацијата на стратешката цел на Брисел за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан. 

Посетата на претседателката на Европската комисија на нашата земја е дел од нејзината посета на регионот во пресрет на Самитот на ЕУ за Западен Балкан што на 6 октомври ќе се одржи во Словенија.

На средбата во Владата, ја изразив надежта дека лидерите на земјите членки на ЕУ ќе ја реафирмираат декларацијата од Брдо-Крањ кога Словенија го презеде претседавањето со ЕУ за цврста заложба за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

Блокадата на овој процес не е во духот на оваа определба. Сметаме дека е потребен нов импетус за забрзување на процесот за донесување одлуки затоа што секое продолжување на блокадата ги храбри ретроградните сили кои се противници на европското единство и европските вредности.

Блокадата на оперативниот старт на преговорите одобрени во март минатата година се одрази негативно во целиот регион и се закани кон довербата во ЕУ како кредибилен партнер.

Европските вредности на ЕУ се и вредности на земјите-кандидатки за членство од Западен Балкан кои ги прифатија и ги развиваат.

Дел од нив како што се инклузивноста, мобилноста, толеранцијата, правдата и солидарноста, како европски вредности што се практикуваат во самата Европска унија, се директно доведени во прашање заради оваа блокада. 

Ние ги направивме сите потребни чекори и реформи и ќе ги направиме и дополнителните прифатливи за деблокирање на проширувањето на ЕУ и очекуваме Бугарија да го откочи процесот и да ја одобри преговарачката рамка, во согласност со ставот на сите останати 26 земји членки.

Нашиот напредок во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнување на европските стандарди.  

Во духот на европските добрососедски односи, ќе ги интензивираме разговорите со Бугарија со искрена волја да правиме чекори поблиску до решение на нашите отворени прашања.

Ние и до сега покажавме подготвеност и конструктивен придонес за решавање на билатералните односи преку взаемно почитување и заштита на националното достоинство, но идентитетските прашања едноставно е невозможно да бидат предмет на преговори. И среќни сме што од Бугарија стигнуваат сигнали за разбирање за овие прашања кои се исто така европски вредности.

Продолжуваме и понатаму на реформскиот пат. Ние преку „Акција 2021” и преку „Европа дома”, сериозно ги имплементираме европските вредности, а ЕУ мора да изнајде формула како да го одржи зборот и да го продолжи проширувањето на Западен Балкан. 

Овој процес нема алтернатива, и затоа остануваме посветени на нашата стратешка цел – членство во ЕУ низ целосна имплементација на европските вредности и стандарди во Република Северна Македонија.“

Уште еднаш, да изразам благодарност од име на нашиот народ, од името на Владата за посетата на Претседателката на Европската комисија на Северна Македонија заради тоа што за нас тоа навистина претставува охрабрување да продолжиме на нашиот пат до полноправно членство на Европската унија.“