„Ги модернизиравме сите патни правци низ Истокот, инвестираме во отворање на нови работни места, го подобруваме животниот стандард на граѓаните и генерално ја раздвижуваме економијата во Источниот регион", истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски при денешната работна посета во општина Македонска Каменица.
Министерот Бочварски заедно со градоначалничката Соња Стаменкова извршија увид во реконструкција на патниот правец кон населеното место Цера, инвестиција вредна 16 милиони денари.
Овој проект се реализира преку Министерството за транспорт и врски во рамките на проектот за „Поврзување на локални патишта“, со вкупна инвестиција од 70 милиони евра.
„Даваме комплетна поддршка на развој на локалната патна мрежа, ја зголемуваме безбедноста и подобрување на животниот стандард на граѓаните во Македонска Каменица. Драго ми е што имаме одлична соработка со општината, работиме на реконструкција на две локални улици, патните правци кон населените места Цера и Тодоровци. Особено сум задоволен што привршуваме со главната артерија во овој регион, патот до рудникот Саса, за кој сите знаеме од какво значење е за развој на економијата во општината. Вкупните инвестиции во овој дел од државата надминуваат преку 50 милиони евра", изјави министерот Бочварски.
„Поддршката од централната власт ни е од огромно значење за урбаниот развој на општината", истакна градоначалничката Соња Стаменкова.
„Преку Министерството за транспорт и врски ни беа доделени околу 600 илјади евра за реконструкција на овие две улици кон населените места Цера и Тодоровци. Искористивме околу 400 илјади евра, а останатите 200 илјади евра ќе ги инвестираме во реконструкција на патен правец за кој граѓаните сметаат дека е најприоритетен“, изјави градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова.
Во рамки на работната посета, министерот и градоначалничката разговараа и за прашања поврзани со урбанизмот и локалниот економски развој на општината.