Министерката Радмила Шекеринска денеска присуствуваше на промоцијата на 70 нови подофицери, која што се одржа во касарната „Илинден“ во Скопје. Обраќајќи им се на присутните, таа им честиташе на подофицерите и рече дека е тоа уште еден успешно завршен процес на трансформација и подобрување на структурата на Армијата.
„Кога дојдов за министерка за одбрана еден од проблемите кои ми беа посочени беше дека цела деценија немало курс за подофицери. Веднаш тргнавме во решавањето на проблемот, чекор по чекор и резултатите станаа видливи за кратко време. И покрај сите предизвици предизвикани од пандемијата, во два наврати произведовме 55 и 65 или вкупно 120 подофицери. Предизвиците не застанаа, но не застанавме ниту ние. И оваа година продолживме со вас, за денеска да имаме вкупно 190 нови подофицери во армиските редови“, рече министерката.
Шекеринска истакна дека треба да бидеме горди на успесите бидејќи тие се резултат на една континуирана работа и посветеност и ја посочи воената интеграција како еден од резултатите, кој уште повеќе ја зацврсти позицијата на Северна Македонија во НАТО и меѓу сојузниците и за кој добивме пофалба од највисоко место.
„Овој вторник во посета на Северна Македонија дојде командантот на Командата за трансформација, едната од двете стратешки команди на НАТО, генералот Филип Лавињ. Низ разговорите, тој спомена еден факт дека Северна Македонија го заврши процесот на целосна воена интеграција во НАТО во рекордно краток период, најбрз период досега во НАТО“, рече министерката и дополни дека потврда за тоа е што на земјите од соседството за овој процес им требаа 26, 43 и 55 месеци, додека пак, Северна Македонија го заврши процесот за 19 месеци од полноправното членство.
Шекеринска рече и дека за четири години се смени сликата на Армијата и дека амбициите за опремување ќе продолжат. „Нашата блиска иднина убедена сум дека ќе покаже дека сме и поамбициозни. Вие и вашите колеги од идната година ќе започнете да ги добивате и новите оклопни транспортери, артилерците ќе добијат ново артилериско вооружување, припадниците на противвоздушната одбрана ново ПВО оружје, за нашите летачи од воздухопловниот винг од 2024 година ќе започнеме со новата набавка на хеликоптери. И сето ова е возможно само заради тоа што во изминативе години, секоја година успевавме да обезбедиме стабилно и засилено одбранбено финансирање. Одбранбениот буџет од 2017 до оваа година вклучително и 2022 година секоја година бележи покачување. И тоа е покачувањето кое што влезе и во вашите повисоки примања и во вашата подобра опрема и во личното вооружување и во заштитните елементи и во сето она што ја прави армијата да биде институција со која се гордееме“, истакна Шекеринска.
На денешното промовирање на новите 70 подофицери присуствуваа и началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, државниот секретар Драган Николиќ и високи воени претставници од Армијата.