Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир, во присуство на министерот за животна средина и повеќе градоначалници, ја промовираа новата кампања „ЕУ со ТЕБЕ“ фокусирана на Европскиот зелен договор.
Вицепремиерот Димитров истакна дека заедничкото справување со климатските промени е израз на стратешкото партнерство на ЕУ и Западниот Балкан при што специфичноста на овие појави е аргумент повеќе за потребата од придвижување во процесот на пристапување и приближување кон европските стандарди.
„Климатските промени и нивните последици не познаваат граници ниту разлика во статус на членство и кандидатски статус, но налагаат заедничка акција и солидарност и потврдуваат дека европеизацијата е важна и потребна - и за земјите кандидатки и за Европската Унија. Зелениот договор е израз на способноста на ЕУ како глобален актер да преземе одговорност, да предводи и да биде сила која влече за добро и за позитивни промени. Зелената агенда за Западниот Балкан може да стане реалност преку доследно спроведување на Акцискиот план на национално, но и на локално ниво, бидејќи ова е едно од оние прашања околу кои мораме политички да се надраснеме и да дејствуваме заедно. Здравата животна средина како област и основно човеково право во „Агенда: Европа дома“ е издигната на ниво на првиот кластер „Темели“, бидејќи овие прашања директно влијаат врз нашето здравје и квалитетот на нашиот живот како граѓани - без разлика кои сме и во што веруваме или за што се залагаме“ - истакна вицепремиерот Димитров.
Амбасадорот Гир нагласи дека Европската Унија може да помогне со нудење експертиза, совети и со значително финансирање во рамките на инструментите со кои располага: „Климатските промени не можат да се надминат преку одделни иницијативи - Европската Унија е подготвена да направи повеќе, но потребни се сеопфатни политики, со силна политичка посветеност и соодветни административни капацитети на национално и локално нивo, со вклученост на граѓаните и на изворните иницијативи.“
Кампањата има за цел да ја подигне свеста за Европскиот зелен договор и неговата клучна цел - да достигне нето нула емисии на стакленички гасови до 2050 година, со што Европа ќе стане првиот климатски неутрален континент, додека пак Северна Македонија е влучена во Зелената агенда за Западен Балкан, одобрена од лидерите на земјите од Западен Балкан на Самитот на Берлинскиот процес во Софија во 2020 година.
Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме во целост обраќањето на вицепремиерот Димитров:
Почитуван амбасадоре Гир,
Драг колега Нуредини,
Ваши екселенции,
Почитувани ново-избрани градоначалници, честитки на изборот и желби за успешен мандат, пред сé во интерес на нашите граѓани,
Почитувани медиуми,
Почитувани граѓани,
Чест ми е што сме денес тука, бидејќи ова е едно од оние прашања околу кои мораме политички да се надраснеме и да дејствуваме заедно. Како што посочи амбасадорот Гир - ни истекува времето. Климатските промени се реалност и проблемот е брзината со која се одвиваат.
Има една изрека, вели - ние не ја наследуваме планетата од нашите предци, туку ја позајмуваме од нашите потомци. Ние веќе ги чувствуваме последиците, сведоци сме на природни катастрофи со тешки последици кои ја зафатија нашата земја - која е ранлива на климатски промени. Мислам дека сме првата генерација што сериозно се соочува со последиците од климатските промени, но веројатно и последната генерација што може нешто да направи, за да промени и да остави достојна планета за живот на генерациите што следат. Поплавите и пожарите кои ја зафатија нашата земја и воопшто регионот се едни од последиците на климатските промени, што дотолку повеќе ја истакнува важноста и итноста на оваа така важна кауза.
Климатските промени и нивните последици не познаваат граници, не познаваат статус на членство, или на земји-кандидати за членство, но налагаат заедничка акција и солидарност. Со тоа се потврдува аргументот дека процесот на проширување е всушност процес на комплетирање на Европа и зошто европеизацијата е толку важна и потребна и нам, на земјите кандидатки и на Европската Унија.
Ниту ЕУ ниту ние нема да можеме да се справиме со ова прашање доколку тука во нашата Македонија, во Северна Македонија и регионот не ги постигнеме европските стандарди за заштита на животна средина.
Зелениот договор е израз на способноста на ЕУ како глобален актер да преземе одговорност, да предводи и да биде сила која влече за добро и за позитивни промени, додека пак Зелената агенда за Западниот Балкан е израз на нашето стратешко партнерство, генерално, но и конкретно, во борбата против климатските промени и потврда дека Унијата е нашиот најголем донатор и најголем поддржувач. Тоа е сеопфатен прогресивен план за борба против климатските промени, воспоставувајќи заеднички цели и акции во согласност со основното човеково право на здрава животна средина, на чист воздух и вода и живот во хармонија со природата.
Да ја направиме Европа првиот климатски неутрален континент до 2050 година е наша заедничка цел, која бара итни и координирани активности на ниво на Европската Унија, на ниво на регионот. Тоа ќе го постигнеме преку ефективно и навремено спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан.
Европскиот зелен договор создава современи, ефикасни ресурси и конкурентна економија. Исто така, дава можности за иновации, инвестиции и нови зелени работни места, намалувајќи ги социјалните и економските ефекти од транзицијата во контекст на климатските промени. Во рамки на европските интеграции на земјата и регионот, Зелената агенда за Западен Балкан е план за економска и социјална трансформација заедно со унапредување на животната средина.
Потпишувањето на Декларацијата од Софија за Зелената агенда за Западен Балкан во ноември минатата година е израз на силна политичка волја и посветеност, но и обврска да преземеме и спроведеме реформи во пет клучни столбови: де-карбонизација, циркуларна економија, справување со загадувањето, одржливо земјоделство и храна и заштита на биолошката разновидност и екосистемите.
Ова се области во кои целиот регион има доста работа на патот кон Европската Унија, па така најголем дел од препораките од Извештајот на Комисијата за 2021 година за Северна Македонија, поделено по кластери се нотирани токму во Кластерот 4 - Зелена агенда и одржлива поврзаност. Политиките во оваа област се едни од најважните за квалитетот на животот на сите граѓани и треба да бидат приоритет во процесот за носење на европските стандарди дома. Па затоа, во „Агенда: Европа дома“ ја препознаваме важноста на животната средина како клучна област, издигната на ниво на првиот кластер - „Темели“.
Свесни сме дека процесот на зелена транзиција е голем предизвик, но уверен сум дека и најдолгиот пат започнува со првиот чекор. Така, имаме преземено иницијални чекори заедно со активности за реализација на преземените мерки за исполнување на Акцискиот план во врска со Зелената агенда за сите пет столбови, кои ќе служат како одредници за натамошно дејствување, но и поттик и уверување дека сето ова може да биде реалност.
Во рамките на столбот за декарбонизација, циркуларна економија и намалување на загадувањето, годинава беа усвоени неколку клучни документи, за кои во наредниот период потребно е да се обезбедат финансии. Да се обидеме сите заедно, како политичка поддршка, на национално и локално ниво, за да се остварат зацртаните цели.
Поддршката за зелената транзиција ја очекуваме од ЕУ како стратешки партнер, од земјите членки на ЕУ кои веќе имаат богато искуство во овие процеси. Во таа насока, пристапивме кон Иницијативата на Европската комисија за размена на искуства за региони на јаглен во транзиција и очекуваме дека искуствата за праведната транзиција од земјите членки и нам ќе ни бидат одличен водич за спроведување на праведната транзиција во нашата земјата.
Спроведувањето на Зелената агенда е во директна врска со процесот на европска интеграција, односно со усогласувањето и спроведувањето на транспонираното ЕУ законодавство за животна средина, климатски промени, транспорт, енергетика. Успехот ќе биде двоен - и за ЕУ и за регионот. Но уште поважно е што овие прашања директно влијаат врз нашето здравје и квалитетот на нашиот живот - без разлика кои сме и во што веруваме или за што се залагаме, сите го дишеме истиот воздух.
Да го замислиме како маратон што треба да го изминеме со брзина на спринт трка, во којшто никој од нас засебно нема да биде победник, додека сите заедно не стигнеме до крајната линија.
Ви благодарам!